Монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ од авторите м-р Снежана Анастасова Чадиковска и проф.д-р Александар Трајковски посветена на 100-годишнината од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ беше промовирана вчеравечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“ кој одбележа 66 години од своето постоење, а започна токму на 4 август далечната 1961 година со солистички рецитал на оваа голема уметница, носител на алтовскиот и мецосопранскиот фах.
Обраќајќи се на промоцијата, директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, истакна дека со оваа монографија, животот и делото на Ана Липша-Тофовиќ добиваат трајно сведоштво, а нејзиниот придонес кон македонската музичка култура и кон создавањето на „Охридско лето“ останува запишан за идните генерации. Тој упати и благодарност до авторите на монографијата за кои рече дека се докажани и реализирани музички публицисти, кои низ годините, секој на свој начин, соработувале со „Охридско лето“.
-Со нивниот посветен труд, денес пред македонската јавност го претставуваат својот ракопис, преточен во оваа луксузна, содржински богата и значајна монографија, посветена на животот и делото на една од најголемите македонски оперски уметници.Несомнено, името на Ана Липша-Тофовиќ е нераскинливо поврзано со „Охридско лето“. Нејзината восхитеност од Охрид, а особено од храмот „Света Софија“ – неговиот амбиент, духовната енергија и извонредната акустика – ја поттикнала идејата токму овде, да одржи целовечерен солистички рецитал. И токму од тој визионерски потфат започнува да се испишува приказната која денес, по 66 изданија, го сочинува богатиот и шаренолик мозаик на „Охридско лето“. Но, нејзиниот придонес не е само во тоа што го одржала првиот концерт. Благодарение на нејзината визија, македонската култура концертно го добива и акустичниот простор на „Света Софија“ – простор кој и денес е една од најпрепознатливите сцени на фестивалот – рече Цуцковски.

Промоторот на монографијата, Марко Коловски, еден од најеминентните македонски музиколози, рече дека со исчитувањето на последната страница од монографијата, читателот добива чувство дека се работи за капитално дело посветено на великан на македонската музичка култура.
-По читањето на поголемиот дел од оваа книга, она што го знаев, она што сум го слушнал од нејзините современици и колеги доби една уверлива потврда. Низ описот на животот и сето она што тој го носи. И како што големата Ана себеси се гледаше во служба на нејзиното височество музиката, значи без никакви знаци на себеистакнување, авторите успеале на неверојатно ненаметлив начин да дозволат низ фактите, низ описот на нејзиниот однос кон делата што ги изведувала-да овозможат нејзиниот лик да ја добие токму нејзината вистинска физиономија. На авторите Чадиковска и Трајковски треба да им се оддаде посебно признание за нивниот, овојпат истражувачки подвиг, бидејќи јас речиси и да не знам книга во која речиси секоја изведба, оперска или концертна е покриена со соодветна критика или исказ. И токму тоа им овозможило на авторите сопствените оценки, дури и кога доаѓаат од сведок на тие изведби – кажа музикологот Коловски.

Пригоден говор за значењето на Ана Липша-Тофовиќ имаше и проф. д-р Ганка Цветанова според која делото на оперската примадона треба да остане како силен поттик и обврска за денешните и идните генерации уметници – со истата посветеност да го негуваат, збогатуваат и афирмираат македонското музичко творештво.
-Нејзината визија, уметничка извонредност и посветеност ги поставија темелите врз кои „Охридско лето“ прерасна во една од најпрестижните културни манифестации и препознатлив симбол на македонската музичка и културна сцена во светот. Годинава одбележуваме сто години од раѓањето на Ана Липша Тофовиќ. Но, јубилеите не се само повод да се навратиме кон минатото. Тие се можност повторно да ја согледаме трајната вредност на вистинските уметнички и културни достигнувања, кои не се само сведоштво за едно минато време, туку продолжуваат да живеат и да го обликуваат времето што доаѓа. Токму такво е делото на Ана Липша Тофовиќ – присутно во нејзината уметност, во институциите што ги создаваше, во вредностите што ги афирмираше и, пред сè, во трајниот дух на „Охридско лето“ – нагласи Цветанова.
За авторката на монографијата, м-р Снежана Анастасова Чадиковска, голема е честа да се биде дел од авторите на ова дело, како што вели, гранитен споменик кој многу јасно и аргументирано говори за непоколебливата верба во силата и креативното.
-Пред шеесет и пет години, кога на единаесетгодишна возраст првпат влегов во ,,Света Софија“ доведена од родителите да го слушам концертот на Ана,се почувствував како да влегувам во друг свет,свет исполнет со возвишена светлина. Беше тоа всушност своевидно волшебство.Не само прекрасната музика , која по децении молк ја озвучи катедралната црква .Беше волшебство сета радост на луѓето од околните куќи , кои го исполнија и дворот , носејки столчиња од своите домови.Беше волшебство црврнилото на небото по залез.Беше волшебство да постоиш, да бидеш тука и сега, во нераскинлив спој со убавината.Тоа волшебство до денес ме грее ,секогаш кога влегувам во овој храм или мислам за него – вели Анастасова Чадиковска.
Проф. д-р Александар Трајковски, вториот автор на книгата, појасни дека со испишувањето на ова дело се исполнува и аманетот на истакнатиот македонски диригент Фимчо Муратовски кој на последните средби пред неговото заминување од овоземниот свет, им оставил аманет да не ја забораваат Ана Липша -Тофовиќ.
-Вечерва, стоејќи на местото каде што во 1961 година Ана Липша-Тофовиќ ја започна фестивалската одисеја на „Охридско лето”, чувствувам голема возбуда и одговорност. Пред сè, заради нејзиниот музичко-сценски габарит со кој се вгради во темелите на современата македонската музичка култура. Затоа, сметам дека објавувањето на оваа книга е успех за современото македонско музичко книгоиздателство и особено, успех на македонската култура, воопшто.За мене лично, оваа монографија има и една интимна нота – навраќање на моето детство и фасцинацијата од нејзината личност, благодарение на пријателствувањето на мојата мајка и нејзината ќерка. И прекрасните средби и разговори во нејзиниот салон во Скопје, покрај грандиозниот портрет на Кондовски и концертниот клавир – рече Трајковски.
Авторите на монографијата м-р Снежана Анастасова Чадиковска и д-р Александар Трајковски се истакнати музички педагози и публицисти, добитници на повеќе награди од областа на културата, публицистиката и педагогијата, со свој значаен влог во полето на македонското музичко книгоиздателство. Од нивната повеќегодишна соработка, досега се произлезени книгите „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при МНТ“ (2018) и „Милка Ефтимова – Моето богатство“ (2020).


































