Фото: Пиксабеј

Историски трилер

– Дали имаа валидни патни исправи, Рогожин? – небаре е каубој, со нозете вкрстени на бирото, полковникот Иван Михајлович Федоров исфрли чад низ ноздрите.
– Имаа патни исправи на Отоманското Царство, другар полковник. Се разбира, со лажни податоци. Инаку, во нашите регистри, регистрите на ЧЕКА и ГПУ, се водат како Македонецот Гаврило Колароски и Ерменецот Карпис Карапетјан, некогашни жители на Одеса.
– Дали го испразнија сандакот?
– Тие се убедени дека успеале да нѐ поткупат и мене и Степанчиков. Не ни знаат дека ние знаеме што се подготвува. Откако му се обратиле нему како ноќен чувар на гробиштата, Степанчиков ги упатил кај мене. Така ја заокруживме замислата. Сега тој ги следи во стапка. Последната информација што ми ја пренесе беше дека тие веќе обезбедиле билети за вечерната пловидба.
– Мислиш дека се од доверба? Сакам да кажам дали имаат потенцијал за трансфер на богатството?
– Опасни типови, полковнику.
– Тогаш вие може слободно да се подготвите за на пат. Знаете дека враќање назад нема. Јас како ресорен раководител на Министерството за градот Одеса изработив налози за сите тројца. Ние сме екипа за интервенција надвор од границите на СССР, а во интерес на безбедноста на државата. Ова ќе биде единствена шанса да ги следиме во стапка.
– Дали ќе се снајдеме во новата средина? Што ако испратат луѓе за да нѐ ликвидираат?
Полковникот се насмеа и се почеша по ниско истрижената глава.
– Колароски и Карапетјан не се ни свесни што носат со себе. Со тоа богатство може слободно да се живее живот во изобилство. Што се однесува до луѓето од ГПУ, ние сме мали залаци за да трошат пари на нас. Очекувам да имаме мигрантски третман и толку. Во Истанбул имаме безбедна локација за слободен престој. Таму нѐ чека нашиот човек.
Вревата на бродските машини ги дразнеше сетилата. Колароски и Карапетјан наизменично излегуваа на палуба за да пушат. Некој мораше да остане во кабината поради пленот што го носеа. Небото беше поросено со ѕвезди и беше мошне пријатно да се вдишува свеж морски воздух за пушачки гради полни никотин.
– Задоволен сум како ни оди работата – заклучи спокојно Колароски кога се најдоа заедно во кабината. – Капетанот на бродот со рушвет од 200 долари се погрижи да не бидеме цел на полицијата и цариниците.

– Каков е планот, Гаврило? Дали ќе стреламе во грофот Смирнов?
– Не ми излегол умот – Гаврило се насмеа. – Знаеш дека не ми е тешко да повлечам чкрапало, но само кога тоа е неизбежно. Зарем мислиш дека тукутака ќе се претворам во убиец? Знаеш, нешто ми се плетка низ главава. Штом ќе ја заокружам целината, ќе ти ја кажам суштината. Треба да пополнам некои празнини од мозаикот.
– Ти си мошне интересен човек, Гаврило. Мило ми е што мојата судбина беше поврзана со твојата. Што по ова?
Гаврило си ја почеша брадата. Дејствуваше замислено и тажно.
– Можеби навреме го постави прашањето, пријател. Прашање на време беше кога јас ќе го направев истото тоа. Знаеш, мојата мајка умре штом заминавме во туѓина, Карпис. Немам ниту брат ниту сестра. Но сепак имам семејство во Македонија. Се срамам од самиот себе што не се вратив таму. Ама, ете, животот носи стапици и пречки, искушенија. Да, планирам да се вратам дома. Можеби ќе им бидам потребен на преостанатите од моето семејство и на татковината. Што ќе биде со тебе?
– Којзнае, пријателе? Можеби со тебе во Македонија, можеби ќе останам на Кипар.
– А ха – Гаврило се насмеа. – Веројатно ќе побараш мирен пристан во прегратката на Гајар Азаријан кон која имаше симпатии уште кога живеевме под еден покрив.
– Во Ерменија јас немам никого.
– Не правдај се, Карпис – Колароски го потапка по грбот. – Имаш благородна намера. Но запомни. Едно нема никогаш да се промени. Тоа е нашето вечно пријателство.
– Овие муабети ме растажуваат, Гаврило. Знаеш… по толку заеднички мигови… Туку, јас да излезам на палубата за да испушам една…
Карапетјан беше пресегнат преку оградата од палубата. Мислите му летаа на сите страни. Погледот залудно му бараше светлина на морската шир. Со една цигара заврши, со втората само што почна. Без милост голташе чад и се труеше. Гаврило навести враќање во татковината и тој стана свесен за брзата разделба. Не беше лесно да си учесник во сето тоа. Бидејќи пораснаа и созреаја заедно, еден таков чекор носеше непријатно чувство. Но тоа беше неминовност. Мораше да се случи порано или подоцна. Некако тивко ама императивно, во неговата глава се всади тивката Гајар Азаријан. Нејзината добрина пленеше. Нејзината искрена насмевка го претвори во роб иако беа одвоени еден од друг. Тој ѝ робуваше и на јаве и во соништата. Којзнае, можеби едно лошо е за едно арно?

Од мислите го исфрли чуден звук. Дојде од крајот на палубата. Се слушна шум на допир на нешто масивно со водата. Карапетјан фрли поглед натаму но не виде ништо. Повлече од цигарата и кога намери да ја фрли, го препозна шумот, кој сега се повтори. Си помисли дека некој од персоналот од кујната се ослободи од сметот или едноставно фрли храна за рибите.
Полковникот Иван Михајлович Федоров пушеше луле потпрен на оградата од палубата. Беше облечен во цивил. До него стоеше Рогожин. И тој носеше цивилна руба. Дејствуваше невкусно, смешно. Пушеше цигара по цигара. Беше нервозен.
– Доста преташ со ногата – го предупреди полковникот. – Почна и мене да ме нервираш, Рогожин!
– Возбуден сум, другар полковник.
– Молк! Престани да ме титулираш, говедо!
– Простете, навика.
Федоров погледна лево-десно и кога се увери дека палубата е пуста, со еден добро одмерен потег му вкопа кама во стомакот. Со другата му ја затна устата за да го запре вресокот. Потоа го префрли преку оградата во морето.
Малку потоа, на палубата стаса и Степанчиков. Полковникот мајсторски го темпираше времето. Морето повторно проголта труп. Федоров ја избриша потта од челото и длабоко издиши. Брановите му дејствуваа смирувачки и тој остана уште малку. Потоа се упати кон кабината и мина крај Карапетјан на спротивната страна од палубата. Погледите им се сретнаа.

Љубомир Јованоски-Кара