Фото: МИА

Водата од градскиот водовод во Гостивар и понатаму не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по денешниот состанок на Главниот штаб за управување со кризи.

Тој нагласи дека квалитетот на водата сè уште варира, поради што остануваат во сила препораките таа да не се користи за пиење и за подготовка на храна. Според него, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и инспекциските служби ќе го зголемат интензитетот на контролите, а мерењата ќе се вршат почесто.

 – Штом ќе имаме три последователни резултати кои ќе потврдат дека водата е исправна за пиење на сите мерни точки во градот, ќе ги известиме граѓаните дека може безбедно да се користи и за пиење – изјави Тошковски.

До стабилизирање на состојбата продолжува и дистрибуцијата на флаширана вода. Според министерот, Владата досега доставила околу 580.000 литри вода за пиење, а дополнителни количини обезбедуваат општествено одговорни компании и други општини.

Тошковски ги повика граѓаните максимално да ја испуштаат водата од чешмите во своите домови за да се забрза прочистувањето на примарната и секундарната водоводна мрежа. Во моментов, како што рече, се спроведува хиперхлорирање до максимално дозволеното законско ниво.

 – На сите мерни точки е потврдено присуство на хлор, што е позитивен показател во процесот на прочистување на резервоарите и водоводниот систем – појасни министерот.

Во однос на бактериолошката состојба, беше соопштено дека во дел од анализираните примероци е утврдено присуство на бактеријата Proteus mirabilis. Според надлежните, таа најчесто се развива во биофилмот во водоводниот систем поради подолг застој на водата и нејзино некористење.

Одговарајќи на новинарско прашање за информациите дека пациенти од гостиварската болница се префрлаат во Тетово поради неможност за стерилизација на медицинската опрема, Тошковски рече дека ќе ги провери наводите. Сепак, според информациите со кои засега располага, болницата функционира нормално.

 – Немам добиено информација дека недостигаат материјали или услови неопходни за болницата да функционира во рамките на својот капацитет – изјави тој.