Основниот суд Куманово, по предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, ѝ одреди притвор на 41-годишна жителка на Кратово, осомничена за узурпација на локалитетот „Куклица“ и спречување службени лица во вршење службени дејствија.
-Осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот „Куклица“, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир. При последниот инцидент осомничената презела и дејствија на кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат- соопштија денеска од ЈОРСМ.
Јавниот обвинител при одлучувањето го земал предвид и фактот дека против кратовчанката веќе се води постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Куклица“, во која ѝ биле изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за посета на локалитетот. Според Обвинителството, таа не го почитувала решението и одбегнувала да го прими.
Во соопштението се наведува дека осомничената заедно со нејзиниот сопруг и претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие кон пазарни инспектори.
– Од тие причини кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и судот со решение ја определи притворската мерка – наведуваат од Обвинителството.
Вчера СВР Куманово соопшти дека четириесет и едногодишна кратовка е приведена откако, според пријавата, физички нападнала повеќе посетители на локалитетот Куклица. Од кумановската полиција информираа дека полициските службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода С.Д. (41) од Кратово, постапувајќи по претходна пријава дека на 2 август околу 18:00 часот на локалитетот „Куклица“ физички нападнала повеќе лица кои биле посетители на локалитетот.


































