Министерството за здравство соопшти дека заклучно со 30 јули во земјава се потврдени 13 случаи на западнонилска треска.
На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на проценката на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје – Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци.
Вонредниот третман бил спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка со цел да се намали ризикот од ширење на инфекцијата.
Од Министерството посочуваат дека остануваат во постојана координација со Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи и најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови сознанија и преземени активности.






























