По повод 40 години од официјалната премиера на филмот
„Кој не чита, на седумдесет години ќе има проживеано само еден живот. Кој чита, ќе има проживеано пет илјади години.“
Оваа мисла на Умберто Еко можеби најдобро ја открива суштината на неговото творештво, но истовремено претставува и еден од клучевите за разбирање на филмот „Името на розата“ (1986), во режија на Жан-Жак Ано, кој годинава одбележува четири децении од својата официјална премиера. Ретко кое филмско дело толку уверливо ја претвора моќта на книгата, знаењето и толкувањето во визуелен јазик. Она што започнува како средновековна мистерија за серија необјасниви убиства во еден изолиран манастир постепено се преобразува во кинематографска размисла за поединецот, неговата потрага по вистината и вечниот судир меѓу слободната мисла и догмата.
Снимен според истоимениот роман на Умберто Еко, филмот одамна ја надмина рамката на историскиот спектакл или класичниот детективски трилер. Тој е дело во кое историјата, теологијата, семиотиката, филозофијата и мистиката се испреплетуваат во сложена мрежа од значења. Кај Еко, приказната никогаш не е исклучиво приказна. Секој симбол, секој простор и секој предмет носат повеќе слоеви на значење.
Дејството е сместено во 1327 година, во еден бенедиктински манастир во северна Италија. Таму пристигнува францисканскиот монах Вилијам од Баскервил, придружуван од својот млад ученик Адсо од Мелк. Но серијата мистериозни смртни случаи што започнуваат во манастирот ја претвораат нивната посета во истрага што постепено ќе го разоткрие вистинското лице на една институција изградена врз верата, авторитетот и пред сѐ контролата над знаењето.
Еден од најинтересните аспекти на ликот на Вилијам од Баскервил е неговата директна врска со книжевниот свет на Артур Конан Дојл. Неговото презиме е јасна алузија на романот „Баскервилскиот пес“ и на најпознатиот детектив во историјата на литературата, Шерлок Холмс. Умберто Еко не создава едноставна средновековна верзија на Холмс. Тој гради комплексен лик во кој се среќаваат духовната традиција, филозофското размислување и рационалниот метод.
Како и Холмс, Вилијам трага по вистината преку набљудување, логика и дедукција. Тој се спротивставува на секоја мистификација што го заменува размислувањето со страв. Во свет во кој непознатото лесно се прогласува за натприродно, неговата вера во разумот претставува речиси радикален чин. Тој е лик што не ја прифаќа вистината како заокружена догма, ами како патување кон спознанието.

Токму тука се наоѓа суштинскиот конфликт на филмот. Од едната страна се наоѓа личноста што верува дека знаењето се стекнува преку сомнеж, истражување и разговор. Од другата е институцијата што сака вистината да ја претвори во привилегија на малкумина. За Еко, најголемата опасност не е незнаењето, туку уверувањето дека некој веќе ја поседува целата вистина и ја злоупотребува.
Во центарот на драмскиот конфликт се наоѓа библиотеката, најмоќниот симбол во филмот. Таа не е само простор во кој се чуваат книги од минатото. Таа е метафора за човечката свест, за колективната меморија и за бескрајниот процес на создавање смисла.
Нејзиниот лавиринт не е само архитектонска загатка. Тој е духовен простор. Во древните традиции лавиринтот го претставува патувањето кон внатрешното знаење, патот од незнаењето кон сознанието.
Затоа движењето на Вилијам и Адсо низ библиотеката не е само потрага по убиецот. Тоа е патување низ различните слоеви на човечката свест. Лавиринтот на библиотеката така станува и лавиринт на мислата: колку повеќе човек навлегува во него толку повеќе сфаќа дека вистината не е едноставна дестинација, туку бескраен процес на разбирање и толкување.
Средновековниот манастир во филмот е симболичен универзум. Во средновековната мисла архитектурата била одраз на космичкиот поредок, обид материјалниот свет да се поврзе со невидливото и натсетилното. Затоа камените ѕидови, тесните ходници, студените простории и високите сводови создаваат чувство дека манастирот е целосен комплекс, затворен во сопственото време и истовремено исполнет со тајните на човештвото.
Наспроти Вилијам се наоѓа Хорхе од Бургос, слепиот библиотекар и чувар на забранетото знаење. Неговото име е омаж кон Хорхе Луис Борхес, познатиот и влијателен писател што концептот на библиотеката го трансформираше во една од најбитните метафори на светската литература. Но додека кај Борхес библиотеката е бесконечен простор на можности, кај Хорхе од Бургос таа е простор на контрола, страв и забрана.
Најголемиот страв на Хорхе не е книгата сама по себе. Тоа во суштина е слободата што таа може да ја разбуди кај единката. Токму затоа неговата опсесија со забранетото дело на Аристотел за комедијата и смеата е толку битна, дури и застрашувачка. Смеата ја руши апсолутноста на авторитетот. Човекот што се смее повеќе не е целосно потчинет, а тој што поставува прашања повеќе не може лесно да биде изманипулиран и контролиран.
Во симболичкиот свет на филмот, огнот што ја уништува библиотеката има двојно значење. Тој е разорна сила, но истовремено и симбол на преобразбата. Книгите можат да бидат запалени, но идеите што ги содржат не можат толку лесно да исчезнат.
Интригантно е и значењето на самиот наслов. Розата со векови е симбол на тајната, убавината, љубовта и духовната преобразба. Кога на крајот останува само „името на розата“, Еко нè потсетува дека сè што е материјално е минливо. Градовите исчезнуваат, книгите се губат, империите пропаѓаат, а човечките животи се претвораат во прав. Но симболите продолжуваат да живеат затоа што во себе ја носат вечната потрага по смислата на универзалниот код.
Во центарот на таа потрага стои логосот, зборот, разумот и принципот преку кој хаосот добива значење. Кај Еко, логосот не е само божествен принцип, тоа е и способноста да се чита, да се толкува, да се поврзува и да се сомнева. Губењето на логосот не значи исчезнување на верата, туку исчезнување на дијалогот, на конструктивниот сомнеж.
Во таа смисла, Вилијам од Баскервил е трагачот по изгубениот логос. Неговата истрага затоа има многу посуштинска цел од откривањето на убиецот. Таа е потрага по смислата што е скриена зад знаците, по вистината што не може да биде затворена во една единствена интерпретација.
Токму затоа „Името на розата“ денес дејствува толку современо. Манастирската библиотека можеби повеќе не постои како камен простор во кој се чуваат забранети книги, но нејзината симболика егзистира во дигиталниот свет на информации, алгоритми и контрола врз вниманието. Денес можеби имаме пристап до повеќе информации од кога било порано, но тоа не значи дека подобро ја разбираме вистината. Напротив, пред нас стои нов облик на лавиринт, составен од бескрајни податоци, слики, вести и толкувања.
По четириесет години од својата официјална премиера, филмот на Жан-Жак Ано не изгледа како дело заглавено во минатото. Тој нè потсетува дека најголемата опасност не е недостигот од информации, туку губењето на способноста критички да размислуваме. Затоа „Името на розата“ не е само приказна за едно далечно средновековие, ниту само мистерија за серија убиства во еден затворен манастир. Тоа е приказна за секое време во кое моќта стравува од слободната мисла, за секоја институција што сака да ја зароби вистината.
Зашто, можеби, вистината никогаш не била книга што треба да ја пронајдеме. Можеби таа е патот по кој мораме постојано да се движиме, со разумот како светлина, со сомнежот како водич и со слободата на мислата како единствена одбрана од секоја догма.
Јане Алтипармаков
































