Дебитантското остварување на Срѓан Јаниќијевиќ премиерно во Олденбург
Македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург. Од фестивалот официјално потврдија дека филмот е избран во официјалната конкуренција и ќе се натпреварува за фестивалските награди. Фестивалот ќе се одржи од 16 до 20 септември и повеќе од три децении претставува една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во меѓународните филмски кругови е познат како „Европскиот Санденс“, додека „Холивуд рипортер“ го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и едно од задолжителните места на европската фестивалска сцена.
Изборот во официјалната конкуренција на Олденбург му овозможува на филмот да го започне своето меѓународно патување на фестивал препознатлив по поддршката на бескомпромисни авторски гласови, независни продукции и дебитантски остварувања. Главната фестивалска награда, „Џерман индепендес авард“, му се доделува на најдоброто независно долгометражно остварување, а фестивалот доделува и признанија за режисерска храброст, оригиналност, дебитантски филм и актерски остварувања.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет на корупција, злоупотреба на моќта, политичка хипокризија и скандали, во кој секој обид да се открие вистината носи нови морални дилеми и лични последици. Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е можно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците. Сценаристот Сашо Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за медиумите, политиката и општеството. В.Д.

































