Македонија вечерва ќе се обиде да триумфира над Украинците на гостувањето во Запорожје и да се зацврсти на втората позиција во групата Ф што води на финалниот турнир на ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва ѝ гостува на Украина во Запорожје (19 ч.), во претпоследниот, петти квалификациски натпревар, група Ф, за пласман на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП), што во септември годинава ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија.
По четирите кола Украина е прва на табелата, без пораз, со 11 бода и доколку забележи нова победа ќе го завери настапот на ЕП. Македонија е втора со шест бода и со триумф над Украина ќе направи голем чекор напред кон првото историско учество на ЕП. Со евентуален пораз последната шанса Македонија ќе ја бара во Скопје (среда, 9 јануари), на мечот против Унгарија, која попладнево (15 часот) во Казинцбарцика, би требало да ја совлада Швајцарија.

Лани во август, Украина забележа победа со 3-2, по водството на Македонија од 2-0, во маратонскиот меч во Скопје што траеше 138 минути. И преостанатите три меча Македонија ги играше во пет сета!

– Немам ништо против и овој меч да потрае пет сета, но сега со наша победа од 3-2. Објективно Украинците се фаворити, физички се посупериорни, имаат поголем избор на квалитетни одбојкари на сите позиции, но ние не дојдовме да загубиме туку да одиграме најдобро што можеме и да победиме. А за да го постигнеме тоа мораме, пред сѐ, добро да сервираме, да ги оддалечиме Украинците од мрежата и да имаме добар прием на нивните сервиси. Добро трениравме во Скопје, атмосферата во репрезентацијата е одлична, закрепна техничарот Филип Деспотовски, посилни сме и за Александар Милков, кој е 100 отсто подготвен и се надевам дека Македонија по овој меч ќе биде поблиску до пласман на ЕП – оптимист е селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

На завршниот турнир на ЕП (12 – 29 септември), првпат ќе настапат 24 репрезентации од кои 12 веќе се познати. Тоа се Русија, Германија, Србија, Италија, Бугарија, Чешка, Полска, Турција, Романија, Грција и Естонија. Ним ќе им се приклучат првопласираните од седумте квалификациски групи, плус петте второпласирани со најдобар скор, меѓу кои би требало да биде и Македонија. Завршницата ќе се одржи во четири земји и во девет градови. Во Франција (Монпелје, Нант и Париз), Холандија (Амстердам, Ротердам и Апелдорн), Белгија (Брисел и Антверпен) и во Словенија (Љубљана). 


Македонија – состав
Никола Ѓоргиев (капитен), Ѓорѓи Ѓоргиев, Филип Деспотовски, Владо Милев, Славе Наков, Александар Љафтов, Александар Милков, Иван Андонов, Филип Маџунков, Васе Михаилов, Ѓоко Јосифов, Тино Шулајковски, Дарко Ангеловски, Филип Николовски (либера).
Селектор: Никола Матијашевиќ. Помошник: Деан Стојанов.