Европската канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека вирусот западен нил се шири во Европа, односно регистрирани се 25 подрачја погодени од вирусот во шест европски држави.
Според СЗО, до 22 јули регистрирани се 46 заболени луѓе во Италија, 21 во Грција, во Северна Македонија и Романија по пет случаи, во Шпанија три и во Франција еден.
– Во Италија најголем број заразени со вирусот западен нил се регистрирани во Кремона – седум, во Милано и во Новара по пет. Во Грција најголем број случаи, девет, се забележани во регионот Источна Атика, Романија – во Букурешт (еден), Шпанија – во Аликанте (еден) и во Севилја (два), во Северна Македонија – во Скопје (три) и во Франција, во регионот Пиринеи (еден) – наведува СЗО.
Италија има најширока географска распространетост со 21 потврден случаи во 17 подрачја до 15 јули.
По два случаи на локално пренесување на вирусот се пријавени во Шпанија, Романија и во Северна Македонија.
Со оглед на зголемувањето на случаите на вирусот западен нил во некои делови од континентот на почетокот на сезоната на пренос, СЗО за Европа повикува на зголемен надзор на комарците и активности за подигање на јавната свест за заштитните мерки.
СЗО предупредува дека за поголем број луѓе ризикот од вирусот западен нил останува низок, но секој што живее или патува во погодена област треба да преземе основни мерки на претпазливост за да избегне каснувања од комарци.
Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, посочи дека вирусот не е нова закана, но оти се менуваат условите за ширење на вирусот.
– Топлите температури и подолгите лета им даваат на комарците повеќе време и територија да го шират вирусот. Повеќето инфекции се благи, но еден од 150 луѓе што се заразени од вирусот развиваат тешка инфекција, што влијае на централниот нервен систем и може да биде потенцијално фатална. Едноставни мерки на претпазливост, како што се покривање, користење средства за заштита од инсекти и отстранување застојана вода околу куќата, може да направат разлика. Секој што ќе развие висока температура, осип или вкочанет врат по каснување од комарец, треба веднаш да посети лекар – посочи Клуге.
Од 70 до 80 проценти од луѓето заразени со вирусот западен нил нема да развијат никакви симптоми, но оние што ќе развијат може да доживеат треска, главоболка, замор, болки во телото, гадење или повраќање, а понекогаш и осип или отечени лимфни јазли. Тешкиот облик на болест може да предизвика висока температура, вкочанет врат, дезориентација, тремор, конвулзии, мускулна слабост, парализа или кома, пренесува МИА.
































