ШАХ – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЕТЕРАНИ

Станојоски е на два чекора до целта

Со четвртата победа, а трета во низа, ВМ Звонко Станојоски (рејтинг 2.366), го задржа водството на две кола до крајот на првото првенство на Македонија за ветерани во шах. Тој на првата табла во словенска одбрана и динамична реми-позиција, сепак, во финишот го скрши отпорот на Јанчо Ѓорѓевски, кој, пак, игра одлично на ова првенство, кое во организација на ШКВ Скопје 72 се игра во „Негорски Бањи“ во Гевгелија.
Илија Стошевски против ФМ Александар Кралевски во ретиев систем во подобра позиција направи погрешен редослед на измена на кралицата и пешак, што го чинеше пораз. ФМ Димитар Качаковски имаше добиена позиција со пешак повеќе против Миле Трајковски, кој со тактички маневри успеа да спаси реми во 73. потег. Никола Топалов од Богданци е херој на турнирот, кој иако дојде по тешко извршена операција, игра партии што траат повеќе часови. Во ова коло тој го победи Драган Наунов во 60. потег. Борис Јаневски со активен напад ја казни пасивноста на ФМ Љубомир Хаџи-Манев.
Резултати 5. коло: ВМ Станојоски (2.366) – Ѓорѓевски (1.789) 1-0, Стошевски (2.056) – ФМ Кралевски (2.029) 0-1, Петров (2.097) – Андонов (2.054) реми, ФМ Качаковски (1.987) – Трајковски (1.881) реми, Јаневски (1.823) – ФМ Хаџи-Манев (1.965) 1-0, Наунов (2.137) – Топалов (1.633) 0-1, Ќосев – Брзовски (1.709) 0-1, Ахчиев (1.688) – Томов (1.636) 1-0. Табела: ВМ Станојоски 4,5, ФМ Кралевски 4, Андонов, ФМ Качаковски, Трајковски, Јаневски, Петров и Ѓорѓевски, сите по три поени… Г.И.

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Евенепул ги критикува допинг-тестирањата откако Вингегор падна

Ремко Евенепул ги критикуваше допинг-тестовите среде ноќ на велосипедската грантур-трка Тур де Франс, пишува „Би-би-си“. Коментарите на Белгиецот дојдоа откако Данецот Јонас Вингегор беше разбуден во два часот наутро, а лидерот на трката Словенецот, Тадеј Погачар, во пет часот, за тестови пред етапата, во која Данецот падна и ја скрши клучната коска. Евенепул рече дека времето на тестовите било „непочитувачко“, пишува „Би-би-си“.
– Тоа е нешто што всушност не треба да го прифатиме како возачи. Многу е нечовечно да нѐ будите среде ноќ – рече Евенепул, по победата на 15. етапа.
Носителот на жолтата маичка, Погачар, посочи дека ефектите од нарушениот сон на Вингегор можеби биле фактор за неговиот пад.
– Трката нема да биде иста без него. Една ноќ вашиот сон е уништен и можете да бидете помалку концентрирани на спуштањето. Тажно е да го гледам како си заминува Вингегор – рече Погачар, пренесе „Би-би-си“.
Меѓународната агенција за тестирање, која ги спроведе тестовите, изјави: „ИТА е свесна дека ноќните тестирања може да ги нарушат одморот и закрепнувањето на возачите. Затоа е посветено должно внимание за да се минимизира што е можно повеќе влијанието што активностите за тестирање го имаат врз возачите. Сепак, ИТА, во име на УЦИ, има одговорност да ја обезбеди ефикасноста на антидопинг-програмата во велосипедизмот и интегритетот на велосипедските трки. Како такво, ефикасното тестирање, во ограничени и оправдани околности, мора да може да се одвива надвор од стандардните дневни часови“, пренесе „Би-би-си“.
Погачар води со пет минути пред Евенепул. Г.И.