Фото: Горан Анастасовски
  • Летото е одлично време за разладување и за релаксација во езеро, море, река или во базен. Но колку и да годи капењето, може да направи здравствени проблеми, особено доколку не се внимава

Влажната и топла средина влијае поволно за размножување и ширење на бактериите, габите и на вирусите што предизвикуваат голем број непријатни тегоби. Ако на ова ги додадеме и летниот распуст, семејните годишни одмори и долгото време поминато во базен или во морска вода, можноста за добивање инфекција е многу голема, објаснува проф. д-р Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог во „Ре-медика“.

– Водата е погодна средина за раст и размножување на микроорганизмите. Бактериите во водата доаѓаат од воздухот, земјата, отпадните води, органските отпадоци, изумрените растенија, од животните итн. Тоа значи дека секој микроорганизам во одредено време може да се најде во водата – вели проф. д-р Ивиќ-Колевска.
Таа објаснува дека во летните месеци многу чести се и инфекциите добиени од бактерии при капење во базени. Најчести причинители за нив, освен псевдомонас аеругиноза, ешерихија коли и други фекални бактерии, се стафилококус ауреус, како и бактерии од родот салмонела, а не помалку важни се и вирусите и габичките.
– Сите овие бактерии може да предизвикаат различни видови инфекции, и тоа на очите, ушите, кожата, уринарни и генитални инфекции, како и инфекции на дигестивниот тракт. Секоја од овие локализации на инфекции е следена со своја специфична симптоматологија – вели проф. д-р Ивиќ-Колевска.
Инфекција на очите се карактеризира со црвенило на едно или на двете очи, чувство на туѓо тело во окото, оток на капаците и чувствителност на светлина. Покрај наведените бактерии, инфекцијата на очите може уште да биде предизвикана и со хламидија трахоматис.
– Пливачкото уво, односно инфекција на надворешниот ушен канал, е најчеста инфекција во летните месеци, придружена со болка и секреција од увото и наглувост. Најчесто е предизвикана од бактерии, и тоа псевдомонас аеругиноза.
На инфекцијата на кожата најмногу ѝ годи топла и влажна средина и најчесто е предизвикана од бактерии, и тоа стафилококус ауреус, меѓутоа не треба да се занемари ни важноста на инфекциите на кожата предизвикани од габи.
Идеално место за нивен раст и размножување се влажните крпи и костими за капење, но и влажните подови, соблекувални, простории за туширање и тоалети. Инфекциите на кожата се карактеризираат со црвенило, чешање, пукнатини на кожата, а по неколку дена е можна и појава на гнојници – вели нашата соговорничка.

Уринарните и генитални инфекции исто така се честа причина за непријатности предизвикани од капење во базени. Најчести причинители за овие инфекции се бактериите од фекално потекло ешерихија коли и ентерококи, како и псевдомонас аеругиноза, проследени со зачестено мокрење, печење и непријатност при мокрење, односно печење и чешање на половиот орган и појава на секрет, кој е обоен (зеленкаст или жолтеникав), доколку причинител на инфекцијата е бактерија, или бел секрет, доколку станува збор за инфекција предизвикана од габа.
– Инфекција на дигестивниот тракт се добива со голтање загадена вода со која можат да се внесат бактерии, вируси и паразити. Постојат и паразити што се отпорни на хлор, а се присутни во фекалните води. Симптомите се појава на течни и зачестени столици, болка во стомакот, повраќање и висока температура. Причинители за ваквата состојба може да бидат и бактериите шигела и салмонела.
Доколку се јават кои било од наведените симптоми, веднаш треба да се побара стручна лекарска помош за да се земат детална анамнеза и епидемиолошка анкета, соодветен материјал за микробиолошка анализа и да се преземат адекватни тераписки мерки – вели проф. д-р Ивиќ-Колевска.
Во зависност од локализацијата на инфекцијата и материјалот за микробиолошка анализа ќе биде различен: брис од очи, уши, кожа, урина, генитален брис или брис од фецес. Н.М.


Заштитете се!

Доколку постои сад со дезинфекциско средство при влез во базен не прескокнувајте го
Истуширајте се пред и по влез во базен, езеро или во море
До водата (базен, езеро, море) одете со папучи
Не седете на влажна крпа
Соблечете ги влажните костими за капење и заменете ги со суви
Не голтајте вода при пливање
Не нуркајте без да ставите маска на очи и штитници (тампони) за уши
Не уринирајте во вода
Добро мијте ги рацете при излегување од вода
Кога ќе се вратите од плажа, задолжително добро се истуширајте со сапун и млака вода и добро исушете го телото, особено во пределот околу препоните, пазувите и прстите на нозете, поради тоа што секоја влага поттикнува развој на габични инфекции
Покрај сѐ, сепак искористете го секој миг од убавиот сончев ден и поминете го со друштво, придржувајќи се кон превентивните мерки. Н.М.


Каде може да се капеме?

Граѓаните треба да внимаваат каде избираат да се капат. При избор на базен, треба да се внимава какви се хигиенските услови.