ПО ЖДРЕПКАТА ЗА ВТОРАТА РУНДА НА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2029
- Доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел, пласман во квалификациите за следното ЕП, вели капитенот Војдан Стојановски
Капитенот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Војдан Стојановски, е задоволен од исходот на ждрепката за вториот круг од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), во 2029 година, кое ќе се одржи во Естонија, Грција, Словенија и во Шпанија со учество на 24 репрезентации. Ривали на црвено-жолтите во групата Ф се селекциите на Кипар и на Австрија, а за пласман во квалификациите ќе одиграат четири натпревари во трката за првото место, кое носи пласман во квалификациската фаза за учество на ЕП 2029.
Иако ждрепката донесе противници со кои Македонија има позитивни искуства, капитенот Стојановски повикува на сериозен пристап и максимален ангажман во остварувањето на посакуваната цел.
– Би рекол дека, пред сѐ, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари што не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, а во кој остваривме максимален резултат. Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија.
Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор. За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел, пласман во квалификациите за следното Европско првенство – изјави капитенот на репрезентацијата на Македонија, Војдан Стојановски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Поради тоа што групата има пет репрезентации, Македонија ќе биде слободна во првото коло, а настапите ќе ги почне на 30 август со гостувањето кај селекцијата на Австрија. Првиот домашен меч Македонија ќе го одигра на 26 ноември, кога ќе го пречека Кипар. Во февруарскиот квалификациски циклус во 2027 година, избраниците на македонскиот селекторот Жозеп Марија Берокал, прво ќе бидат домаќини на Австрија, а циклусот ќе го заокружат со гостувањето кај Кипар. Г.И.
































