Фото: Влада

Само преку партнерство и заедничко креирање политики можеме да донесеме решенија што ќе придонесат за стабилен економски раст, подобри услови за работа и повисок животен стандард на граѓаните – порача по денешната седница на Економско-социјалниот совет министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Економско-социјалниот совет ја усвои годишната програма за работа за 2026 година и ги разгледа предлог-законот за високото образование и предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката.

Со годишната програма е утврдена динамиката на работа и се поставени приоритетите за темите што ќе бидат предмет на социјален дијалог меѓу Владата, синдикатите и организациите на работодавачите. Меѓу нив, како што изјави Дурмиши, се политиките за вработување, минималната плата, потрошувачката кошничка, работните односи, безбедноста и здравјето при работа, младинските политики, продуктивноста, како и други прашања што директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните и конкурентноста на македонската економија.

Дурмиши посочи дека предлог-законот за високото образование и Предлог-законот за обезбедување квалитет во високото образование и науката посветуваат значително внимание на поврзувањето на високото образование со реалните потреби на стопанството.

– Денешниот пазар на труд бара современи знаења, практични вештини и поголема усогласеност меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите. Токму затоа ваквите реформи претставуваат важен чекор кон создавање поквалитетен човечки капитал, повисока вработливост на младите и посилна конкурентност на нашата економија – изјави Дурмиши, пренесува МИА.

Економско-социјалниот совет, наведе Дурмиши, и понатаму ќе остане главната платформа за отворен, инклузивен и аргументиран дијалог меѓу Владата, работниците и работодавачите. Само преку партнерство и заедничко креирање политики можеме да донесеме решенија што ќе придонесат за стабилен економски раст, подобри услови за работа и повисок животен стандард на граѓаните.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП по седницата изјави дека нивниот став изнесен на седницата на ЕСС бил дека долго време се чека на поголема плата, подобри услови за работа и сè она што го очекуваат македонските работници и граѓани, но тоа, според него, не било точка на дневен ред.

Прашан дали предложиле точка на дневен ред за високите цени, изјави дека не предложиле, како што рече, имајќи предвид дека просечната потрошувачка кошничка сè уште не е излезена.

– Така што, имаме само некои пресметки што не сме ги одобриле и што немаат сума колку навистина чини животот на едно четиричлено семејно домаќинство – посочи Пешевски истакнувајќи дека е потребно зголемување на платите како на минималната така и на другите.