
Дваесет и пет години Договор за добрососедство: партнерство во интерес на мирот и соработката
Оваа година има големо значење за билатералните односи меѓу Народна Република Кина и Руската Федерација. Во април ја одбележавме 30-годишнината од потпишувањето на Заедничката декларација Кина-Русија, со која беше воспоставено стратешко партнерство за координација, рамноправно и со доверба, насочено кон 21 век. На 16 јули одбележуваме друг значаен јубилеј: 25-годишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу нашите земји. Затоа, ова е момент да проговориме за придобивките од добрососедството и за она што нè очекува во иднина.
Познато е дека кинеско-руските односи издржале многу испити низ историјата, но од нив излегле поцврсти и со јасна визија за заедничките интереси. Освен придобивките за нашите народи, овој пример може да послужи како одличен пример и за други соседни големи сили за тоа како е можно да се воспостават рамноправни релации, засновани на заемна почит, а во насока на исполнување на договорите со цел постигнување заеднички успех преку соработка. Ваквиот развој на односите меѓу двете земји не само што е во духот на фундаменталните интереси на двете земји и нивните народи туку претставува и придонес за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот и на целиот свет.
Двете земји имаат вековни историски и цивилизациски темели. Оттука, може да се каже дека и традициите на добрососедство имаат длабоки корени. За современиот период е значајно што тие конзистентно стојат во одбрана на меѓународното право и праведност, доследно чувајќи го меѓународниот поредок формиран по Втората светска војна. Сеќавањето на катастрофалните последици од Втората светска војна, кои се без преседан, остануваат живи и во двете земји, поради огромните човечки жртви што двата народа ги дадоа за слободата. Не случајно, во 2025 година, Кина и Русија свечено ја одбележаа 80-годишнината од победата во Војната на отпор на кинескиот народ против јапонската агресија, Големата татковинска војна на Советскиот Сојуз и светската антифашистичка војна. Оваа година исто така се одбележуваат 80 години од завршувањето на Нирнбершкиот процес, како и од отпочнувањето на судењата пред Меѓународниот воен суд за Далечниот Исток. Токму низ овие судења беа документирани застрашувачките воени злосторства извршени од нацистите и од јапонските милитаристи. Нашите народи поднесоа огромни жртви на патот кон конечното ослободување и победата. Оттука и нашата цврста решителност, како нивни наследници, да ја браниме вистината за таа историја и да спречиме каков било ревизионизам, како и повторно оживување на идеологиите на милитаризам, нацизам и фашизам.
Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Кина и Русија, потпишан во 2001 година, воспостави правна и институционална основа за долгорочни односи и сеопфатна стратешка координација меѓу двете земји. Видливиот развој на кинеско-руските односи е резултат на таквиот визионерски потфат. Оттогаш, под стратешко водство на лидерите на двете земји, кинеско-руските односи минаа низ многу предизвици и се развиваа во чекор со времето. Нивниот статус постојано се издигнуваше и достигна историски највисоко ниво на сеопфатно стратешко партнерство за координација во новата ера. Ова е пример за нов тип односи меѓу големите сили. Уникатноста на овие односи се манифестира преку меѓусебната доверба, рамноправната и заемно корисна соработка, меѓусебното респектирање, како и доследното почитување на сите веќе потпишани договори. Високите дијалози и редовните меѓусебни државни посети се јасен доказ за оваа интеракција. На пример, во мај оваа година, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, оствари државна посета на Народна Република Кина и одржа разговори со претседателот на Кина, Си Џинпинг. Двете страни усвоија четириесет документи за соработка, што зборува за огромното значење што им се придава на кинеско-руските односи. Исто така, беше потврдено и продолжување на рокот на важење на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Кина и Русија. Со тоа се внесе силен и долгорочен поттик за континуиран и здрав развој на билатералните односи.
На пример, трговско-економската соработка меѓу нашите две земји е во постојан раст. Минатата година, обемот на трговијата меѓу Кина и Русија достигна 228,1 милијарди американски долари. Преку координирани напори за премин на меѓусебна валутна пресметка, речиси целата билатерална трговија денес се одвива со рубли и кинески јуани. Ова ги штити кинеско-руските трговски односи од надворешни влијанија и од негативните трендови на глобалните пазари. Соработката меѓу нашите две земји во трговијата и инвестициите, енергетиката и природните ресурси, транспортот и научнотехнолошките иновации постојано добива и на квалитет.
Соработка меѓу народите (човек со човек, народ со народ) е важен аспект на кинеско-руските односи. Двете земји поттикнуваат и организираат разни форми на комуникации и размени во образованието, културата, филмот, туризмот и спортот итн. Тоа е начин низ кој се негуваат општествените контакти и разбирање, што се одразува и во ставот на јавното мислење за постоење пријателство меѓу двете земји. Аранжманот за заемно ослободување од визи дополнително ги поттикна развојот на туризмот и контактите меѓу граѓаните. По успешната Година на културата Кина-Русија во 2024–2025, во мај оваа година започна Годината на образованието Кина-Русија.
Значењето и позитивните влијанија на сеопфатното стратешко партнерство и соработка меѓу Кина и Русија ги надминуваат билатералните рамки. Двете земји се основачки членки на Обединетите нации и постојани членки на Советот за безбедност на ОН и се важни актери во промоцијата на поправеден мултиполарен свет во формирање. Во денешната ера на брзи промени се појавуваат струи на еднострана принуда, хегемонизам, блоковска конфронтација и неоколонијализам. Пријателството меѓу Народна Република Кина и Руската Федерација останува непроменливо, игра стабилизирачка улога на светската сцена и дава конструктивен придонес за одржување на глобалната рамнотежа на силите и унапредување на системот на меѓународни односи.
Нашите две земји се залагаат за рамноправна и регулирана мултиполарност во светот, така поттикнувајќи изградба на нов тип меѓународни односи. За таа цел, Кина и Русија се обврзаа да ги почитуваат четирите клучни принципи: придржување до отвореност, инклузивност и заемно корисна соработка; придржување до рамноправна и неразделна безбедност; придржување до поттикнување демократизацијата на меѓународните односи и унапредување на системот на глобално управување; придржување до различноста на светските цивилизации и вредности. Ги повикуваме сите земји во светот да го следат овој пример.
На меѓународната сцена, нашите две земји заеднички го застапуваат одржувањето на меѓународниот систем во чиј центар се Обединетите нации, односно меѓународниот поредок заснован на меѓународното право и основните норми на меѓународните односи засновани на целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации. Ние се спротивставуваме на сите еднострани принудни мерки преземени заобиколувајќи го Советот за безбедност на ОН и даваме големо значење на работата на Групата на пријатели за одбрана на Повелбата на ОН. Преку координација во мултилатералните организации како Шангајската организација за соработка (којашто оваа година ја одбележува 25-годишнината од основањето), БРИКС и Групата на дваесетте, Кина и Русија даваат придонес во решавање на глобалните и регионалните проблеми. Руската страна целосно ја поддржува Кина во организирањето на неформалниот самит на лидерите на АПЕК оваа година.
Кинеско-руските односи се насочени кон заштита на сопствените интереси и промовирање заеднички просперитет. Во тој потфат се придржуваме до заедничкото разбирање дека тоа може да се постигне без создавање алијанси, ами со промоција на принципот на неконфронтација и ненасочување кон трети страни. Нашите две земји се подготвени да спроведуваат заемно корисна и рамноправна соработка со сите други земји врз основа на меѓусебно почитување.
Дваесет и петте години од потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка покажуваат дека односите меѓу Народна Република Кина и Руската Федерација имаат огромен потенцијал. Ние веќе завршивме многу работи, но уште многу големи заеднички проекти остануваат да се спроведат. Кина и Русија ќе продолжат доследно да ги исполнуваат постигнатите договори, да ја прошируваат и продлабочуваат стратешката соработка во сите области, да работат за унапредување на добросостојбата на народите на двете земји и за изградба на поправеден мултиполарен свет.































