ФЕЉТОН: Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (19)
Прашањето за улогата на народното творештво, митовите, легендите и апокрифното наследство во современото општество често се сведува на романтичарско набљудување на минатото. Сепак, во рамките на историската антропологија и културната географија, овие наративи претставуваат важен извор на информации, кои нудат поинаква перспектива за развојот на заедниците и просторот што тие го населуваат. Без анализа на овие длабоки културни слоеви, современото општество губи важен дел од својот историски контекст, што влијае врз способноста за разбирање на сегашните општествени процеси и за дефинирање на идниот развој. Македонската територија се одликува со густа концентрација на археолошки локалитети, култни места и сакрални точки, кои го задржале своето значење низ различни историски епохи. Еден од клучните региони во овој контекст е Овче Поле. Како втора по големина котлина во земјата, со специфични географски и климатски одлики, овој простор уште од праисторијата претставувал центар на човечка активност. Наслојувањето на паганските, христијанските, средновековните и исламските традиции во Овчеполието укажува на континуиран третман на овој простор како сакрално јадро, чии симболички кодови се зачувани во локалната топонимија и усното предание, но и во старите книги и патописи.
Централен мотив во митолошката географија на Овче Поле е таканареченото медно или бакарно гумно. Овој мотив не е изолиран локален феномен, туку претставува дел од пошироката словенска и балканска космолошка структура. Најраните пишани траги и етнографски белешки даваат јасна слика за раширеноста на ова предание. [Епски мотив: Бакарно гумно]
Записот на Јеротеј Рачанин (почеток на 18 век): Овој патописец и аџија, на пат кон Ерусалим, забележал предание во селото Горобинци во Овче Поле. Според записот, во овој крај постоело бакарно гумно затрупано со земја, каде што било проречено дека во иднина ќе се случи голем судир и крвопролевање со Отоманската Империја. Рачанин на враќање од Ерусалим починал токму во Овчеполието, во близината на селото Орел, со што самиот станал дел од локалната хроника.
Преданието на калуѓерката Теофанија: Овој извор го лоцира бакарното гумно на приближно четири часа оддалеченост од Штип. Во нејзиното кажување, местото е поврзано со ритуална активност – пеење на царица и нејзините ќерки, што укажува на зачувана меморија за царски ритуали врзани за оваа точка.
Народното творештво (1945 година): Во зборниците на македонски народни песни е зачувана верзија на песната „Оро ми играле триста самовили“. Во неа, самовилското оро се игра на специфични митски локации: на планински врв, на рамна рудина, на бакарно гумно и на олоен стожер. Повикувањето на самовилата Ѓурѓа од Овче Поле во оваа песна дополнително го поврзува регионот со прастарите верувања во натприродни суштества што ги контролираат природните сили.
Првиот посериозен научен обид за дешифрирање на овој поим го прави бугарскиот историчар и филолог Марин Дринов во 1900 година со трудот „Медно (бакарно) гумно, меден ток во словенските и грчките умотворби“. Дринов користи историско-апокалиптични текстови за да докаже дека во раниот среден век, митското змејско поле во изворите рамноправно се нарекувало медно поле, бакарно гумно, но и Овче Поле. Во современата наука, етнологот Никос Чаусидис во студијата „Митологизираното гумно во словенската народна традиција“ ја објаснува симболиката на гумното како микрокосмос – место каде што се врши трансформација на житото (животот), но и како астрономски и ритуален центар. Дополнително, Марко Цепенков го споменува бакарното гумно во Прилепско, што потврдува дека мотивот е пошироко распространет во македонскиот културен простор.
Во традиционалната слика за светот на прединдустриските заедници, географијата никогаш не била чисто физичка, таа секогаш била сакрална. Небото често се замислувало како цврст покрив, рамното поле како основа на светот, а вировите без дно како премини кон подземјето. Во тој контекст, Овче Поле, со своите специфични визуелни граници, се перципирало како рамно митско поле со бесконечни стада и заштитник овчар. Поради ваквото специфично значење, просторот во Овчеполието низ вековите бил предмет на интерес и политичко-религиозна пропаганда од страна на соседните средновековни држави и цркви.
Концептот за „Света Гора“: Во српските средновековни и подоцнежни извори, делови од Овче Поле се дефинираат како дел од „првата стара српска света гора“, со цел да се легитимира духовната и политичката власт врз овој стратешки регион.
Наративот за покрстувањето на цар Борис: Од друга страна, бугарската историографска традиција го поврзува Овчеполието со реката Брегалница, каде што наводно Светите Кирил и Методиј го покрстиле бугарскиот владетел Борис. Според овие толкувања, по чинот на покрстувањето, царот ги предал колобарските регалии (симболите на старото паганство) на римскиот папа, со што симболично се означил крајот на старата вера. Во чест на овој настан, во регионот биле подигнати т.н. бели цркви, чии остатоци и денес се предмет на археолошки истражувања. За волја на вистината, постојат историски извори што потврдуваат дека тие бели цркви всушност биле обновени цркви од времето на царот Јустинијан.
Поврзаноста на Овче Поле со натприродното и со крајот на историјата е најексплицитно изразена во средновековната апокрифна книжевност. Најважниот документ во овој контекст е „Видението на пророк Исаија за последните денови“, зачувано во средновековниот Поп-Драголев зборник од 11 век. Во овој текст, кој се карактеризира со есхатолошка визија за светот, Овче Поле не е само географски поим туку есхатолошка сцена: „…ќе се појави бесрамниот змеј од Овче Поле… тој ќе ги собере сите светски велможи на својот дрвен сплав на реката Таен Рај, и за да ја покаже својата сила, ќе ги поведе како младоженец што води свадбари, означувајќи го почетокот на последното време и воведувањето на светот во Небесниот Ерусалим…“. Овој сегмент содржи елементи што подоцна се среќаваат во европската херметичка литература. Мотивот за змејот, тајната река и водењето на свадбарите директно асоцира на хиерогамија – концепт за света или алхемиска свадба, која претставува соединување на спротивностите и раѓање на нов космички поредок по пат на катаклизма или трансформација. Присуството на ваков сложен симболички јазик во текст од 11 век напишан на оваа територија укажува на тоа дека локалното население или барем писмениот слој бил запознаен со напредни теолошки и херметички доктрини.
Сакралната димензија на Овчеполието не е ограничена само на текстовите; таа е материјално докажлива преку археолошките наоди и просторниот континуитет на светилиштата. Најраните археолошки истражувања во Овче Поле откриваат неолитски локалитети што спаѓаат меѓу најстарите во Југоисточна Европа. Дополнително, во средината на првиот милениум пред нашата ера, на овој простор егзистирал организиран градски центар со висок степен на материјална култура, кој гравитирал кон пајонското кралство. Анализата на ранохристијанските цркви покажува дека нивните темели многу често лежат врз постари храмови, најчесто посветени на култот на Сонцето, кој кај Пајонците бил особено развиен.
Овој континуитет не прекинал ниту со доаѓањето на Османлиската Империја, кога во регионот се населиле дервишки редови, кои формирале свои заедници. Имињата на локациите како Теќенл’к сведочат за постоење на теќиња. Овој феномен покажува дека новите муслимански доселеници често ги прифаќале веќе воспоставените сакрални точки на теренот, трансформирајќи ги во свои духовни центри. Во текот на петте века османлиско владеење, изградбата на нови цркви била законски ограничена. Дозвола за градба или обнова на христијански храм се добивала речиси исклучиво доколку се докажело дека на тоа место во минатото веќе постоела црква. Ова правило придонело за зачувување на автентичните локации на средновековните храмови до денес.
Покрај институционалните религиозни објекти, во Овче Поле опстојувале и култни места на отворено, кои биле предмет на вонцрковни ритуални практики. Најдобар пример за ова е локалитетот Говедар Камен. Во Српскиот етнографски зборник од 1937 година е забележано дека овој локалитет од памтивек бил посетуван од луѓе со различна верска припадност (христијани и муслимани, кои кај локалното турско население го нарекувале Говедар Баба). Ритуалите изведувани на ова место биле поврзани со лекување, плодност и иницијација.
Сличен карактер имаат и преданието за ритуалното прогледување на Стефан Дечански (кое симболизира премин од состојба на слепило/незнаење во состојба на вид/спознание) и народните песни во кои Овче Поле е претставено како извор на плодноста, изобилството и напредокот (песни за коледари што се враќаат со умножени стада, песни за девојка од Овче Поле што раѓа машко дете). Овче Поле претставува сведок во чија меморија се запишани различни цивилизациски епохи. Населбата Свети Никола, денешно Свети Николе, кое во пописните тапу-дефтери се забележува како Исви Никола и Клисали (или Килисали) (место со цркви) заедно со зачуваните топоними како Рецко Маало (од Рајетско) сведочи за специфичната позиција на оваа населба како духовно прибежиште во минатото. Усните преданија за точното место на бакарното гумно, кои сè уште се паметат кај најстарите жители на овој регион, не треба да се отфрлаат како празни верувања. Тие претставуваат дел од усното историско наследство што ја зачувало меморијата за античките и средновековните патни правци, заборавените храмови и географските специфики на теренот. Систематското проучување на овие митови и нивна споредба со археолошките факти е неопходен чекор кон научното валоризирање на Овчеполието како едно од клучните културно-историски јадра на Македонија и Европа.
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































