Најавени реформи на пензискиот систем

Деновиве јавноста беше бранувана со информации за реформи во пензискиот систем насловени „Пензиите пред голем ремонт“, со наводи дека ќе се покачи возрасната граница за пензионирање и дека ќе се спроведат други мерки што би биле во насока на обезбедување финансиската стабилност на пензискиот фонд.
Јас на почетокот би рекла дека Сојузот на здруженијата на пензиoнерите на Македонија во континуитет го следи функционирањето на пензискиот систем, не само како заштита на стекнатите права на пензионерите туку и како функционира системот со вклучена капитална компонента, односно државното задолжително ПИО, како прв столб, и задолжителното капитално пензиско осигурување, како втор столб на пензискиот систем. Затоа, потребно е комплексно следење на пензискиот систем бидејќи почнаа да се остваруваат и пензии од вториот пензиски столб. Од тие причини, битна е целината на функционирање на системот, бидејќи првиот и вториот столб меѓусебно се поврзани, како од аспект на степенот на обезбедување материјална и социјална сигурност така и од потребата за обезбедување буџетски средства. А основна причина за воведување капитално пензиско осигурување во пензискиот систем беше да се намали јавната потрошувачка и да се обезбедат приходи за пензиoнерите од два, односно три извори.
Дека пензискиот систем треба да се следи говори и работата на работната група на Владата на РСМ за реформи на пензискиот систем, во соработка со ММФ и Светската банка.
Сега, по извршените анализи за остварување на правата од ПИО, можно е надлежните органи да пристапат кон параметрички или поцелосни реформи на пензискиот систем.
Она што за сегашните и идните пензиoнери е значајно, е фактот дека „ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ ПОВИКУВА НА ПРОМЕНИ“.
Во овој актуелен момент ќе се задржам на неколку прашања и би рекла дека како е организиран и како функционира еден пензиски систем е значајно прашање и е од општ интерес за државата. Секоја држава сама го одредува својот пензиски систем, па затоа во светот нема идентични пензиски системи. Нашиот македонски пензиски систем е реформиран и во него е вклучена капитална компонента како задолжително капитално финансирано пензиско осигурување – втор столб и трет столб – доброволно капитално финансирано пензиско осигурување. Главните карактеристики на еден пензиски систем вградени и во нашата правна рамка се: целите, како и кој е покровител како главен ентитет, кој ги контролира средствата на пензискиот систем, кој е вклучен во него, кој ги плаќа придонесите и заменската стапка (процентот од кој се определува висината на пензијата од пензиската основа), кој ризикува, улогата на платата вклучена при определување на висината на пензијата и индексирањето, односно усогласувањето на пензијата. Во нашиот пензиски систем задолжително се вклучени сите вработени и во актуелниот момент има околу 345.000 пензионери по секоја основа, старосни, семејни и инвалидски. Според најновите податоци, просечната пензија изнесува 26.820, а учеството на просечната пензија во просечната плата во моментот е 60 отсто. Овој сооднос е мерило за вредноста на пензијата, односно ако просечната пензија е под 60 отсто претставува аларм за преземање соодветни мерки, за подобрување на тој сооднос. Инаку, средствата за постојните пензии, како и оние новите од првиот столб на пензискиот систем се финансираат како „pаy аs jou go“, односно сегашните осигуреници извојуваат средства за исплата на пензиите. Придонесот за ПИО претставува изворен приход, со кој се обезбедува исплата на пензиите и истиот тој зависи од бројот на активните осигуреници што плаќаат придонес, тој сооднос е 1:2.

Во многуте истакнати предлози за реформи во пензискиот систем многу е значајно дали ќе се случат параметрички или порадикални реформи. Имено, потребни се комплексни мерки и една од нив би била и евентуално покачување на старосната граница, бидејќи од времето на остварување на правото на пензија зависи и времето на очекувано користење на пензијата. Но, од друга страна, многу е значајно дека старосната граница не би требало да се однесува за сите категории осигуреници. Обично, тоа прашање се решава преку заштита на осигуреници преку намалување на старосната граница (бенефициран стаж), како и предвидување предвремено пензионирање што бара внимателно постапување.
Понатаму, би рекла дека најважното прашање е пензискиот систем, главно, самиот да си обезбедува средства за исплата на пензиите и да се преземат мерки за редовна наплата на придонесите, и тоа на реална основица, а не при признавање одредени бенефиции придонесот да се плаќа на најниска основица. Значајни се и поврзаноста на определување на пензијата и на придонесите и усогласувањето на пензиите, кое треба да се врши за цела тековна година, а не пензиите да се усогласуваат од 1 март и 1 септември и на тој начин на пензионерите им се крати исплата на тековна пензија за четири месеци. По ова прашање Сојузот има дадено опширно образложение до властите. Изнесените согледувања се со цел да се обезбеди предвидливост на пензијата што идниот пензионер ќе ја има по остварување на правото на пензија. Таквата мерка обезбедува сигурност, го привлекува идниот пензионер да се вклучи во осигурување, а тоа ќе обезбеди и надминување евазија на плаќање на придонесот.
Исто така, добро би било законодавецот да предвиди и регулатива со проширување на листата, односно на кругот на осигурениците во ПИО, што го наметнува актуелното време. Мислење на пензионерите е да нема упади во пензискиот систем, што претставува рушење на значајните принципи на кои почива пензискиот систем, во кој правата треба да се еквивалентни на уплатениот придонес и преку него да не се решаваат прашања од доменот на вработување и социјална заштита итн.

Само така би имале конзистентен пензиски систем што ќе го решава само прашањето на пензиите, но секако важно е и прашањето како и што да се направи самиот пензиски систем да не генерира остварување ниски пензии од кои понатаму пензионерите не се задоволни и бараат преку усогласување да се подигне нивното ниво, што создава можност за префрлување средства од една на друга целна група.
На крајот мислам дека во најавите за реформи на пензискиот систем скромно се наведува прашањето на реформи на вториот столб, кој силно повикува на ПРОМЕНИ и реформите во овој дел ќе бидат во интерес на идните пензионери и на општеството во целина.
Ние како генерација треба да ја упатиме мислата кон младите, кои мислат дека староста е далеку, но таа брзо доаѓа и затоа тие треба да се вклучат со свои мислења во „најавениот“ реформски процес на пензискиот систем.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија