Постои една политички тивка, но исклучително важна битка што Македонија ја води секој ден. Таа не е изгледа гласна бидејќи не се води ниту во политичките говори ниту на дипломатските маси, туку се води во секое семејство, на улица, на сцената на Античкиот театар во Охрид, на калдрмите во Галичник, во Битола, Штип, Кратово, Гостивар, Тетово, Струга, Дојран, Преспа, во старите храмови, музеите, концертните сали на Европа и светот и на сите места каде што културата продолжува да го раскажува она што сме.
Во само неколку дена се случуваат неколку манифестации што уште еднаш потсетија колку е силна врската меѓу културата и националниот идентитет. „Охридско лето“, со својата повеќедецениска традиција, уште еднаш ја покажа европската и светска димензија на македонската култура. Галичката свадба, пак, покажа дека постојат вредности што не се мерат со бројот на посетители или туристи, туку со способноста да го пренесат наследството од една на друга генерација. Илинденските денови, пак, во Битола, играат значајна улога во зачувувањето и промовирањето на нематеријалното културно наследство, но и во создавањето простор каде што традициите се среќаваат и добиваат нови значења.
Токму во тоа е нивната најголема вредност. Тие не се само културни настани. Тие се живи сведоштва дека еден народ го чува својот идентитет преку она што го создава, што го негува и што им го остава на своите потомци. А ние како поединци сме должни тоа наследство да им го пренесуваме на новите генерации, да ги учиме да се гордеат со она што значи македонска традиција и да го шират тоа каде и да се наоѓаат.
Секогаш кога ќе загрми тапанот на Петровден во Галичник, кога ќе писнат зурлите, кога светската уметничка елита ќе застане на сцената на Античкиот театар и кога ќе ни заигра срцето, тогаш знаеме дека македонскиот бит живее во сите нас и нема сила што ќе го избрише.
Во време кога глобализацијата ги прави државите сè послични, а малите народи сè почесто се соочуваат со предизвикот да го зачуваат сопствениот културен лик, Македонија нема право да ги доживува ваквите манифестации како обична традиција или туристичка понуда. Тие се дел од нејзиниот духовен суверенитет и тој не смее да се жртвува по ниедна цена.
Идентитетот не се брани само со историски факти, документи или политички декларации, туку тој се брани и со песната што се пее, со јазикот што се зборува, со музиката што одекнува на сцената, со народната носија што гордо се облекува, со литературата што се создава и со уметноста што останува да сведочи за едно време.
Токму затоа секоја изведба на „Охридско лето“, секое одиграно „Тешкото“, секоја Галичка свадба, секој концерт, изложба или театарска претстава се многу повеќе од културен настан. Тие се потсетник дека народот што ја негува својата култура не дозволува да му избледи колективната меморија.
Особено денес, кога Македонија минува низ голем број политички, демографски и општествени предизвици, културата добива уште поголемо значење. Таа останува најстабилниот мост меѓу минатото, сегашноста и иднината. Може да се менуваат генерации, околности и политички системи, но вредностите што опстануваат низ вековите стануваат темел врз кој се гради иднината.
А иднината не смее да се сфати како бришење на минатото. Напротив. Модерна држава не е онаа што ги оттурнува своите корени за да изгледа современо. Вистински современа е државата што самоуверено го носи своето наследство, знае кој е нејзиниот културен код и не се плаши да го покаже пред светот.
Затоа секоја инвестиција во културата е инвестиција во националниот идентитет. Секој зачуван обичај е победа над заборавот.
Секој обновен споменик, секоја реставрирана црква, секоја зачувана народна песна и секој фестивал што опстојува со децении се дел од истиот мозаик, мозаикот на македонското културно наследство.
Ниту „Охридско лето“ ниту Галичката свадба не живеат само поради минатото. Тие живеат затоа што и денес создаваат нови спомени и нови генерации што учат дека припадноста не е само чувство туку и одговорност.
Затоа зачувувањето на културното наследство не смее да биде обврска само на институциите. Тоа е задача на целото општество. Зашто идентитетот не исчезнува одеднаш. Тој исчезнува тогаш кога ќе престанеме да ги раскажуваме сопствените приказни, кога ќе престанеме да ги пееме своите песни и кога ќе дозволиме нашите симболи да станат само музејски експонати.
Македонија има привилегија да поседува културно богатство што не живее само во архивите туку и меѓу луѓето. Во тоа е нејзината најголема сила. Додека постојат фестивали како „Охридско лето“, додека во Галичник се игра „Тешкото“, додека младите ја облекуваат народната носија и го чувствуваат тоа како чест, а не како обврска, ќе постои и најсилната гаранција дека македонскиот идентитет нема да биде само дел од историјата туку и жива вредност што ќе продолжи да се пренесува од генерација на генерација.































