Владата ја заврши анализата на цените и маржите на околу 600 до 700 производи, а наскоро во Министерството за економија и труд ќе се одржи состанок со трговците, по што ќе бидат преземени соодветни мерки, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање при увидот во реконструкцијата на СОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, Мицкоски рече дека Владата веќе ги анализирала движењата на цените и трговските маржи.
– Очекуваме во најкраток период оние кои што ги имаат малку зголемено маржите спореден со истиот период од минатата година од 2 до 5 проценти, зборам на тие веќе постојните бруто профитни маржи од 10 отсто. Да речеме, ако маржата била 10 проценти, сега се 12 или 15. Тие ќе бидат предупредени – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека најновите податоци за инфлацијата се охрабрувачки и оцени дека Македонија во моментов има најниска инфлација во регионот.
– Во делот на храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата е 2,5 проценти, а кај обувките и облеката 2,1 процент. Поголем драјвер би рекол се на тутунот и тутунските производи и алхохолот, како и транспортот поради војната во заливот и зголемените трошоци на транспортните компании и на туроператорите – истакна премиерот.
Тој нагласи дека ваквите економски показатели претставуваат позитивен резултат во услови на глобална економска неизвесност и потсети дека во јуни 2022 година, по почетокот на војната во Украина, инфлацијата достигнувала 14 до 15 проценти.

































