Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата останува посветена на реформите и европската интеграција, но нагласи дека нема да прифати решенија кои, според него, би биле на штета на националните интереси, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање за напредокот на евроинтеграциите на земјите од регионот и патот на Македонија кон Европската Унија, Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи со реформската агенда и е подготвена на конструктивен пристап, но не и на, како што оцени, деструктивни отстапки.

-Оваа Влада има принципиелен став. Ќе продолжиме со реформите и ќе бидеме први по нивната реализација. Ако некој смета дека оваа држава, која се наоѓа во срцето на Балканот, со мирољубив народ, вредни граѓани домаќини и домаќински и посветени луѓе, треба да биде дел од Европската Унија, тогаш ние сме подготвени да направиме сè што е конструктивно, но не и деструктивно – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека Владата ќе остане фокусирана на спроведување на реформите и реализација на проекти од интерес за граѓаните.

Мицкоски оцени дека актуелната состојба во евроинтегративниот процес е последица на одлуките на претходната власт, која, според него, прифатила асиметричен договор без да обезбеди негово спроведување.

-Јас единствено чувствувам одговорност единствено пред граѓаните. А граѓаните во овој момент ја даваат својата поддршка на политиките што ги води оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да го испорача она што може да го испорача и тоа го покажаме, покажавме и со декемврискиот извештај, а ќе го покажеме и со јунскиот извештај – дека, во суштина, сме најнапредната држава во регионот кога станува збор за спроведување реформи. За мене, промена на Уставот и прифаќање на она што го прифати претходната Влада не е реформа. Нашиот став е јасен и прецизен. Граѓаните очекуваат лидерството на македонската Влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме. Нема цена по која би правеле безусловни отстапки – порача премиерот.

Тој додаде дека Владата останува отворена за разговори и барање решенија, но повтори дека нема да прифати, како што рече, безусловно да го поддржи договорот што го прифатила претходната влада.

-Но, безусловно да ставам потпис на нешто што го прифати претходната Влада или т.н. капитулација, додека сум на оваа функција, нема да направам. На крајот, ќе дојдат избори. Граѓаните ќе го кажат својот суд. Ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција. Ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката. Но, мислам дека народот е уморен од национални отстапки без какви било гаранции за исполнување на конечната цел. Народот е уморен и исфрустриран од континуирани ветувања и неисполнети надежи што се случуваа изминатте години, па и со децении – изјави Мицкоски.