Студентите ќе можат да аплицираат за сместување во студентските домови најдоцна до 30-годишна возраст, а за потешки прекршувања на куќниот ред ќе им биде изречена забрана за сместување во период од една до пет години. Ова се дел од измените на Законот за студентскиот стандард, кои се наоѓаат во собраниска процедура, а министерката за образование и наука Весна Јаневска очекува да бидат усвоени во текот на овој месец, пренесе МИА.
Јаневска појасни дека старосната граница се воведува поради злоупотреби, односно случаи на студенти кои со години ги презапишувале студиите за да продолжат да ги користат поволностите за сместување.
-Едноставно, презапишуваат години на факултет и добиваат услуги во дом. Тоа го спречуваме и воведуваме максимална старосна граница на студент што аплицира за сместување во дом да биде возраст од 30 години. Втората измена е воведување казнена одредба – забрана од една до пет години за сместување во студентски дом за студентите што ќе сторат потешки повреди на куќниот ред – ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или со други супстанции или доколку се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилно однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување, со кое се загрозуваат безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на другите студенти и на вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот. Воведуваме градација во забраната од една до пет години, во зависност од делото што е сторено – информира Јаневска.
Министерката посочи дека паралелно се реализираат значајни инвестиции во студентскиот стандард, при што домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје се во завршна фаза на темелна реконструкција според европски стандарди и треба да бидат готови до октомври.
-Објектите на „Стив“ и „Кузман“ стануваат модерни и енергетски ефикасни. Ќе бидат прекрасни и јас очекувам младите да го ценат тоа и да ги чуваат за да може што повеќе генерации да ги користат. Овие две одредби се за подигање на безбедноста во домовите и тоа е основано врз аргументи што ние сме ги добиле од самите домови – рече Јаневска.
Осврнувајќи се на управувањето со студентските домови, таа истакна дека ревизиите покажале значителни разлики во нивното работење и дека за дел од директорите се утврдени сериозни неправилности.
-За жал, мора да кажам дека ревизијата за работењето на одредени директори има сериозни забелешки, што по принцип на функционирање на законите ќе биде пријавено таму каде што треба да биде пријавено. Имаме многу успешни домови, кои имаат и резерва, а не само да платат струја, да обезбедат храна и да го одржуваат домот, и имаме домови во кои, еве, ќе се случи да се исклучи струјата – рече Јаневска, осврнувајќи се на состојбата во студентскиот дом во Охрид.
Таа најави дека ќе бидат сменети раководствата на домовите каде што се утврдени неправилности, а по наодите на Државниот завод за ревизија, Министерството ќе поднесе пријави до надлежното обвинителство.
Министерката информираше дека со финансиска рамка од 86 милиони евра, обезбедени од Европската Унија, Германската развојна банка и државата, ќе бидат реконструирани девет државни студентски домови и девет ресурсни центри за деца со попреченост. Во тек е и евалуацијата на тендерите за реконструкција на преостанатите седум студентски домови, а почетокот на работите се очекува уште годинава.
Според Јаневска, до крајот на мандатот на Владата треба да бидат реализирани и овие инвестиции, заедно со новите мерки за подобрување на студентскиот стандард, меѓу кои се нови стипендии, проширување на субвенционираниот студентски оброк и воведување ваучери, со цел младите да останат да студираат и да живеат во земјава.

































