Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал и Секторот за меѓународна полициска соработка, учествуваше во меѓународната операција „FIRSTLIGHT 2026“, координирана од Интерпол, насочена кон сузбивање на онлајн измами и перење пари, пренесе МИА.
Акцијата се реализираше од 15 јануари до 30 април 2026 година, со учество на надлежни институции од 97 држави и територии. Целта беше откривање и спречување на измами базирани на социјален инженеринг, како и поврзаните активности на перење пари.
Од МВР појаснуваат дека измамите со социјален инженеринг се засноваат на злоупотреба на довербата на граѓаните и компаниите за незаконско стекнување пари или чувствителни информации. Во оваа категорија спаѓаат компромитирање на службени електронски адреси (business e-mail compromise), инвестициски и романтични измами, лажно претставување, сексуална уцена (sextortion) и други форми на интернет-измами.
Во рамки на операцијата биле спроведени координирани активности за размена на оперативни информации, претреси, блокирање и замрзнување на банкарски сметки и виртуелни паричници, како и користење на механизмите на Интерпол за брзо запирање на незаконски финансиски трансакции.
На глобално ниво, операцијата резултирала со:
- 5.811 уапсени лица,
- повеќе од 142.000 идентификувани жртви,
- анализа на 152.808 случаи,
- расчистување на 23.715 случаи,
- идентификација на 15.606 осомничени,
- блокирање на 31.014 банкарски сметки,
- пресретнување на околу 293 милиони американски долари незаконски стекнати средства,
- издавање на 99 известувања и дифузии преку Интерпол.
Од Министерството истакнуваат дека учеството во „FIRSTLIGHT 2026“ ја потврдува важноста на меѓународната полициска соработка во борбата против сајбер-криминалот, финансискиот криминал и транснационалните организирани криминални групи.
-Министерството ќе продолжи активно да соработува со Интерпол и меѓународните партнери во откривањето, спречувањето и гонењето на сторителите на онлајн измами и во заштитата на граѓаните од сè пософистицираните облици на дигитален криминал – соопшти МВР.


































