Фото:Министерство за енергетика

Енергетската независност останува една од најважните стратешки цели на Владата, порача Министерството за енергетика по повод 10 Јули – Меѓународниот ден на енергетската независност, пренесе МИА.

Од Министерството велат дека во изминатиот период се преземени конкретни чекори за зголемување на домашното производство на чиста и достапна енергија, преку инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетската инфраструктура и диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергенси.

Според најновите податоци на АД ЕСМ, производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека производството од ветерните електрани е повисоко за околу 10 проценти. Воедно, акумулациите се исполнети околу 80 проценти, што, според Министерството, претставува значајна резерва за сигурно снабдување во периоди на зголемена потрошувачка.

Паралелно се реализираат и нови енергетски проекти. Во тек е изградбата на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, кој следната година треба да достигне инсталиран капацитет од 50 мегавати. Започнуваат и активностите за изградба на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека подготовките за „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза.

Министерството информира дека напредува и реализацијата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе обезбеди пристап до нови извори на природен гас, а се подготвува и проектот за интерконектор со Србија.

Министерката за енергетика Сања Божиновска истакнува дека целта е Македонија да стане енергетски независна држава со поголемо домашно производство на чиста и конкурентна електрична енергија.

-Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и отвораме нови енергетски коридори кои ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку и прашање на национална безбедност, стабилност и развој. Нашата амбиција е Македонија во иднина да стане и нето извозник на електрична енергија – нагласува Божиновска.

Од Министерството оценуваат дека последните глобални енергетски кризи покажале оти државите кои инвестираат во сопствено производство и во диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови и подобро ги штитат интересите на граѓаните и економијата.

-Остануваме посветени на создавање сигурен, модерен и одржлив енергетски систем, затоа што силна енергетика значи силна држава – се наведува во соопштението на Министерството за енергетика.