Бугарија со еврото е во рекорден дефицит, со растечки долг и со сериозни предупредувања од Брисел
По некоја случајност, буџетите и во Македонија и во Бугарија се предизвици што се близу центарот на политичките и економските дебати. Разликата е во тоа што во Македонија, Владата и Собранието ги отворија разговорите за ребалансот на државниот буџет, пред сѐ заради прераспределба на средства во насока на поддршка на капиталните инвестиции и економскиот раст, додека кај нашиот источен сосед Бугарија, буџетската политика веќе прераснува во сериозна политичка и финансиска криза, која ги вклучи и европските институции.
Само неколку месеци по влезот во еврозоната, бугарската влада предлага буџет за 2026 година со дефицит од 5,7 проценти од бруто-домашниот производ или околу 7,2 милијарди евра – најголем во последните три децении и највисок меѓу земјите што ја користат заедничката европска валута. Истовремено, расходите ќе пораснат за речиси една петтина во однос на годинава, а јавниот долг, според владините проекции, ќе достигне 50,5 милијарди евра до 2028 година!
Бугарскиот буџет – политички бумеранг
Очекувањата дека членството во еврозоната ќе донесе дополнителна финансиска стабилност засега остануваат во сенка на непријатните бројки. Министерот за финансии Галаб Донев тврди дека новата влада наследила далеку полоша состојба отколку што официјално била прикажувана во изминатите години. Според него, претходните влади ја прикривале реалната состојба на јавните финансии за да ги исполнат критериумите за прием во еврозоната. Донев уверува дека доколку не биле предвидените мерки за ограничување на трошењето, буџетскиот дефицит би достигнал дури 7,4 проценти од БДП. Но критичарите сметаат дека со тоа не се решава суштината на проблемот.
Кратења на хартија, задолжување во пракса
Бугарскиот Фискален совет оцени дека предложениот буџет повеќе се потпира на нови задолжувања отколку на вистински структурни реформи. Како најдобар пример се наведува мерката за десетпроцентно намалување на трошоците за администрацијата, која треба да донесе заштеда од околу 85 милиони евра. Истовремено, вкупната јавна потрошувачка ќе се зголеми за повеќе од 9 милијарди евра, што, според Советот, практично го поништува ефектот од ваквите ограничувања. Дополнително, експертите предупредуваат дека владата планира зголемување на платите за дел од административците, со што реалните заштеди ќе бидат уште помали.
Сè повеќе пари за камати, сè помалку за развој
Еден од најзагрижувачките показатели е растот на трошоците за сервисирање на јавниот долг. Додека во 2022 година Бугарија плаќала помалку од 350 милиони евра годишно за камати, до 2028 година таа сума се очекува да достигне речиси 1,8 милијарда евра. Економистите предупредуваат дека тоа ќе значи сè помалку средства за образованието, здравството, инфраструктурата и другите јавни политики, бидејќи сè поголем дел од буџетот ќе оди за отплата на долговите.
Политичките предупредувања стануваат сè погласни
Буџетот веќе предизвика жестоки политички реакции. Опозициската Демократска Бугарија потсети на кризата од 1990-тите години, кога владата на Жан Виденов ја доведе земјата до хиперинфлација, празни продавници и колапс на националната валута.
Пратеникот Мартин Димитров предупреди дека Бугарија ризикува да го повтори и таканареченото „романско сценарио“ – висок буџетски дефицит, политичка нестабилност, строги мерки за штедење и пад на довербата кај инвеститорите.
Парадоксот на бугарската економија
Она што дополнително ја засилува загриженоста е фактот што кризата не доаѓа во време на рецесија. Напротив, Бугарија моментално има една од најниските стапки на невработеност во Европската Унија, рекорден раст на платите и силна домашна потрошувачка. Токму затоа Институтот за пазарна економија оценува дека огромниот дефицит не може да се оправда со економските услови, туку претставува последица на погрешна фискална политика. Според институтот, токму прекумерната јавна потрошувачка е една од главните причини поради кои инфлацијата во Бугарија останува значително повисока од просекот во еврозоната.
Под строг надзор на Брисел
Дополнителен притисок врз Софија доаѓа и од Европската Унија. Советот на ЕУ веќе официјално утврди дека Бугарија има прекумерен буџетски дефицит и ја стави земјата под процедура за засилен фискален надзор – првпат една новопримена членка на еврозоната веднаш се наоѓа во ваква постапка. Европската комисија претходно очекуваше значително понизок дефицит, па бугарските власти до средината на октомври ќе треба да предложат конкретни мерки за стабилизирање на јавните финансии.
Различни економски околности и фискални рамки, а слични дилеми
Во момент кога и Македонија ја води својата дебата за ребалансот на буџетот, бугарскиот пример добива дополнителна тежина. Иако економските околности и фискалните рамки на двете земји се различни, дилемите, кога станува збор за пари, се слични. Имено тоа се дилемите:
– колку државата може да троши;
– колку може да се задолжува;
– дали краткорочните политички приоритети смеат да ја загрозат долгорочната финансиска стабилност…
Одговорите на тие прашања нема да влијаат само врз бројките во буџетските табели туку и врз економската сигурност, животниот стандард и довербата на граѓаните во институциите во годините што следуваат. Р.Б.
































