Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Ова не е текст за „ЗОО Скопје“. Ова е текст за тоа како Македонија управува со природата. Повторно сме сведоци на информации за сериозен инцидент во „ЗОО Скопје“. Ако тие се покажат како точни, институциите треба целосно да ги утврдат причините и одговорноста. Но ако повторно целата дебата заврши на тоа кој директор е виновен и која партија ќе добие политички поени, тогаш повторно нема да научиме ништо.
Нашите објави на оваа тема се прегледани над 200.000 пати, а кога ќе се соберат сите телевизиски прилози, интернет-портали, социјални мрежи и споделувања, интересот повеќекратно го надминува бројот на жители на Македонија. Тоа покажува дека јавноста силно се интересира за „ЗОО Скопје“. Но наместо тој интерес да се претвори во сериозна дебата за науката, благосостојбата на животните и иднината на институцијата, тој се претвора во гнев, исмејување, навреди, провокации и дневнополитички пресметки. Повторно зборуваме за луѓето. Речиси никој не зборува за системот.
Треба да бидеме искрени. Инциденти се случуваат и во најмодерните зоолошки градини во светот. Само од 2020 година наваму јавноста беше сведок на бегство на волци во Франција, шимпанза во Шведска, горили во Холандија, кенгури во Германија, мечки во Велика Британија, како и повеќе случаи со тигри, лавови, слонови и други опасни животни во современи европски и американски зоолошки градини. Апсолутна безбедност не постои. Разликата е што тие држави по секој инцидент спроведуваат независни анализи, ги подобруваат протоколите, инвестираат во инфраструктура и во наука. Кај нас, секој инцидент станува партиски дуел, медиумски спектакл и повод за меѓусебни навреди, а по неколку недели сè продолжува по старо.
„ЗОО Скопје“ не пропаѓа поради еден инцидент. Таа пропаѓа повеќе од три децении. Од деведесеттите години наваму институцијата живее со недоволно финансирање, симболична цена на билетот, хроничен недостиг од инвестиции и визија, партиски вработувања, чести смени на неискусни директори, недостиг од долгорочна стратегија и речиси целосно отсуство на научна поддршка. Колку специјалисти за зоолошка медицина има институцијата и како ја утврдува соодветната индивидуална исхрана? Колку бихевиористи и етолози? Колку експерти за нутриционизам на диви животни, зоохигиена, конзервациска биологија, генетика или збогатување на животната средина? Во врвните европски зоолошки градини тоа се основните професии. Кај нас тие не постојат. Наместо стручност, имаме вработени што снимаат и објавуваат несвесни посетители на социјалните мрежи и невешто го претставуваат тоа како триумф на своите компетенции, со што повторно се пренасочува вниманието од вистинските потреби кон празниот дневен сензационализам.
Губењето на членството во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми не беше несреќна случајност. Тоа беше предупредување дека институцијата одамна има длабоки системски проблеми. Но наместо да се прашаме како повторно да станеме дел од европското семејство на современи зоолошки градини, ние повторно се занимаваме со дневна политика и дозволуваме да ни протнуваат бесмислени дино-кичерај пластични паркови веднаш до Природонаучниот музеј, кој нуди вистинска палеонтолошка збирка, која е сепак скромна, но со тие финансии ќе беше балкански магнет за дино-туризам доколку навистина сакаме диносауруси во Скопје.
„ЗОО Скопје“ е институција што преживеала земјотреси, светски војни, политички системи и распад на држави. Преживеала југословенски кризи, транзиции, економски колапси и децении на институционални промени. И покрај сè, останала на истото место, како жив сведок на историјата и како ретко зелено јадро во градот. Но парадоксот е што она што не го уништиле големите историски потреси, денес полека го разградуваат занемареноста, нестручноста и отсуството на систем. Не преку еден настан, туку преку долготрајно институционално распаѓање што се случува тивко и континуирано, сè додека последиците не станат видливи само во моментите на криза.
Во исто време, јавноста лесно прифаќа повици за затворање на „ЗОО Скопје“. Не се согласувам со тоа! „ЗОО Скопје“ е најстарата природно-научна институција во Македонија и една од најстарите институции од ваков тип во Европа. Таа не треба да се затвори, туку да се трансформира. Освен тоа, станува збор за едно од последните големи зелени подрачја во центарот на Скопје, простор што со години е интересен за различни урбанистички и градежни апетити. Ако ја уништиме институцијата, бетонот веднаш ќе се постеле по зеленилото.
Но најголемиот проблем не се ниту актуелниот директор, ниту претходниот директор, ниту следниот директор. Проблемот е што Македонија никогаш не одлучи дали „ЗОО Скопје“ е научна институција или комунално претпријатие. Во Франција најзначајните зоолошки градини се дел од Muséum national d’Histoire naturelle. Тие се управуваат како центри за наука, конзервација, ветеринарна медицина и образование. Таму зоолошката градина е продолжена рака на националната научна политика. Кај нас таа е продолжена рака на локалната политика.
Токму затоа сметам дека е време да започне сериозна дебата дали „ЗОО Скопје“ треба да остане исклучиво под локална самоуправа или да стане дел од национален научен систем, поврзан со Природонаучниот музеј, универзитетите и научните институции. Граѓанската асоцијација за промоција на природните науки „Откритие“, чиј претседател сум јас, уште од 2024 година воспоставува официјална соработка со Националниот музеј за историја и природа, токму со цел овие модели да се пренесат и кај нас. За мене ова не е нова тема. Уште во 2008 година имав можност да реализирам проекти со овој музеј и УНЕСКО и да видам како функционира систем во кој науката ги води институциите, а не политиката. Време е тоа да престане. Не ни треба уште една политичка расправија. Не ни треба уште една комисија што ќе биде заборавена за еден месец. Ни треба нов модел. Модел во кој науката ќе биде над политиката, професијата над партијата, а долгорочната стратегија над дневниот интерес. Затоа ова не е текст за „ЗОО Скопје“. Ова е текст за тоа како Македонија управува со природата. И сè додека ја третираме природата како комунална дејност, а не како национално научно богатство, ќе продолжиме да ги повторуваме истите грешки – без разлика дали станува збор за зоолошка градина, улични кучиња, национални паркови или за диви животни.
Доста беше политика. Време е за наука.
Илија Петковски

































