МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Меѓу небесната механика и патеките на човечката историја постои константа што со милениуми го фасцинира, но и го плаши човечкиот род: моментот кога Сонцето ќе ги здружи силите со најсјајната ѕвезда на ноќниот свод, Сириус. Овој период, во колективната меморија познат и како „кучешки денови“, отсекогаш претставувал повеќе од обична метеоролошка констатација за високи температури. За античкиот свет, овој сојуз на „двете сонца“ – видливото и она невидливото, духовното, бил време на алхемиски искушенија, кога и границата меѓу световите станувала тенка. Античките извори ни откриваат дека овие денови не биле само пасивно запишувани од поетите туку активно влијаеле врз воените стратегии, митолошките ритуали и најголемите освојувачки походи во историјата, вклучувајќи ги и оние на Александар Македонски. Најстарите пишани сведоштва на западната цивилизација зборуваат за Сириус со страв и страхопочит. Во „Илијадата“ на Хомер, приближувањето на Ахил кон тројанските ѕидини е опишано преку страшната метафора на Сириус, „кучешката ѕвезда“, која кога изгревала, блескала со невообичаен сјај меѓу безбројните ѕвезди, кој носел не само неподнослива топлина туку и тешки трески и страдања. Подоцна, поетот Хесиод јасно советувал како треба да се однесуваат луѓето кога „Сириус ги пече главата и колената и ја суши кожата…“. Филозофската и медицинската мисла на антиката исто така не останала имуна на овој небесен феномен. Во корпусот на Хипократ, таткото на медицината, јасно се предупредува дека лекарите мора да бидат исклучително внимателни со пуштањето крв и силните лекови во периодот пред и по хелијакалниот изгрев на Сириус, бидејќи човечкото тело тогаш се наоѓа во состојба на внатрешна сувост и ранливост. Аристотел во својата „Метеорологија“ го анализирал ефектот на овие денови, обидувајќи се да даде рационално објаснување за периодичните северни ветрови што дуваат токму во овој дел од летото, како еден вид природен одбранбен механизам на Земјата против горештините. Во овој контекст на мистична жештина и космичка преодреденост, историските извори даваат исклучително интересна врска меѓу „кучешките денови“ и Александар Македонски. Познато е од Плутарх дека македонскиот крал бил роден во период од годината што директно се совпаѓа со астрономскиот почеток на кучешките денови и „зовривањето“ на Сириус на небото. Врската меѓу воените кампањи на Александар и кучешките денови станува најочигледна при опсадата на Тир, настан детално опишан од историчарот Аријан во неговата „Анабаса“ – опсадата го достигнала својот најкритичен и најкрвав врв токму во екот на најжестоките летни месеци, кога Сириус и Сонцето владееле со медитеранското небо. Аријан опишал како војниците колабирале од жештина, како водата станувала извор на болести и како македонската војска морала да покаже натчовечки напор за да ги изгради опсадните кули под вжештеното сонце. Но за Александар, овој период на астролошки екстрем не бил време за повлекување; тој го користел огнот на кучешките денови како психолошко оружје, верувајќи дека неговата внатрешна сила, зајакната од небесниот оган на неговото раѓање, може да го скрши отпорот на феникискиот град.

Понатаму, историчарот Квинт Куртиј Руф во своите записи за походите низ пустините на Гедрозија ја отсликува суровоста на македонскиот марш под сонцето што „горело како небесен оган“, каде што пресушувањето на изворите и жешкиот сјај на Сириус во предвечерието ги полудувале луѓето и животните, токму според древното верување дека Големото Куче (Canis Major) ги носи лудилото и беснилото на Земјата…
Се наоѓаме во периодот од годината кога температурите се највисоки, а жештината дури е опасна по човечкото здравје. Ова е оној дел од летото кога сончевите зраци светат најсилно и ја печат не само земјата туку и луѓето. Деновите кога температурите се највисоки, во светот се познати и како кучешки денови (canicular dies). Постојат верувања дека кучешките денови го добиле името според тоа што времето не им одговара ниту на кучињата, односно жештината ги полудува. Овие фолклорни етимологии се само дополнување на вистинската заднина на оваа фраза, која претставува една приказна од небесниот свод. Кучешките денови се однесуваат на интервалот од еден месец до два, во кој една особено светла ѕвезда изгрева и заоѓа заедно со Сонцето, а останува скриена додека е ноќ. Таа ѕвезда е Сириус, кучешката ѕвезда, волкот на небото, верното куче на Орион, ѕвездата на Изида или Alpha Canis Majoris. Древните народи верувале дека оваа ѕвезда е одговорна за неподносливите жештини во текот на летото, а фразата кучешки денови се користи веќе неколку милениуми. Најстари споменувања на кучешката ѕвезда се од поетот Хесиод, во седмиот век пред нашата ера. Името Сириус ги означува силното блескање и невообичаената светлина на оваа ѕвезда. Кучешките денови се споменуваат од Аристотел, но и од повеќе астрономи од антиката.

Во Древен Египет, појавувањето на небесната комбинација меѓу Сириус и Сонцето од утро до мрак било знак дека надоаѓаат деновите на Нил и дека реката ќе почне да се излива од своето корито. Во овој период се славела и Египетската нова година. Во денешната астрологија, во овој период е преминот од рак во лав, а во христијанските календари – празникот на Свети Илија. Ѕвездата Сириус била позната како ѕвезда на Изида, но и како верно куче на Орион. Интересно е дека растојанието од оваа ѕвезда до Трите Крала, или на санскрит – Исус Три Канда, речиси е еднакво со тоа од појасот на Орион до Алдебаран – окото на Бикот. По долг период кога не се гледаат на небесниот свод, Орион и Сириус повторно се појавуваат на небото. Верувањето дека Сириус, како „сонце зад сонцето“, со својата светлина е причина за зголемените температури, илјадници години се провлекува низ колективната меморија на човештвото. Сириус има важна улога и во космогонијата на древните народи од Африка, Северна и Јужна Америка. Повторното појавување на Сириус на небото во овој период од годината имало влијание и врз поставеноста на градот Александрија и светилникот од Фарос. Зороастрианизмот за Сириус верува дека ги носи грмотевиците и дождовите. Во древната кинеска митологија е небесен волк, а во „Илијадата“ се споменува како верното куче на Орион. Во Куранот е запишан како моќна ѕвезда. Поради поместувањето на ѕвездите од наша гледна точка и прецесијата, секоја година оваа небесна комбинација меѓу Сонцето и Сириус почнува и завршува на различни датуми. Сепак, кога се заедно на небото во текот на денот, на земјата навистина температурите се највисоки.

Според текст од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“


Сјајните ѕвезди Сириус и Процион како два волка

  • Како Македонците ја нарекувале ѕвездата Сириус, според описите во значајното дело „Небото над Македонија“ од Ѓоре Ценев

„Според некои преданија на Орачот и воловите не им се заканува опасност само од арамиите, туку и од дивите животни. Во Богомила на пример се раскажува дека на тој дел од небото има Орач која е ’посебна ѕвезда поназад‘, едно рало и два вола, а ’нешто позади има два волка кои сакаат да ги нападнат воловите‘. Според описот може да се заклучи дека двата Волка всушност се сјајните ѕвезди Сириус и Процион од астрономските соѕвездија Големо Куче и Мало Куче. Во Младо Нагоричани на овој дел на небото гледале слика на едно рало со два вола, посебна ѕвезда Орач и една посебна ѕвезда подалеку од Орачот што ја викале Волк…“, пишува Ѓоре Ценев, во „Небото над Македонија“, МКЦ 2004 година.
Од астрономска перспектива, модерната наука го демистифицираше физичкото влијание на Сириус врз температурата на Земјата, објаснувајќи го феноменот на летните жештини исклучиво преку наклонетоста на Земјината оска и аголот на сончевите зраци. Сепак, она што науката не може да го избрише е архетипскиот отпечаток во нашата колективна меморија. Кучешките денови нè потсетуваат на важноста на цикличноста. Како што Сириус по долгиот период на невидливост зад сончевиот сјај повторно се појавува на ноќното небо за време на зимските месеци, нудејќи им на патниците чиста и студена светлина за ориентација, така и природата и човекот поминуваат низ фази во текот на годината. На небото, верното куче на Орион сè уште го следи својот господар, потсетувајќи нè дека сè што се случува долу е одраз на она што е горе и обратно… Н.Р.

м-р Никола Ристевски