Фото: „Нова Македонија“
  • Понекогаш значењето на еден самит не се мери според бројот на донесените декларации, туку според пораките што ги испраќа и дилемите што ги отвора. Токму затоа претстојниот самит на НАТО во Анкара, според процените содржани во дипломатските и медиумските анализи, се наметнува како еден од најзначајните политичко-безбедносни собири во последните неколку години. Во услови кога војната во Украина продолжува без опипливи изгледи за брз крај, а односите меѓу НАТО и Русија се на најниско ниво од крајот на Студената војна, одлуките и сигналите што ќе произлезат од Анкара би можеле да ја обликуваат европската безбедносна архитектура за целата следна деценија

Во европските безбедносни кругови, како што наведуваат извори во НАТО, сè почесто се разгледуваат сценарија за можност за поширока конфронтација со Русија. Особено е индикативно што во тие процени сè почесто се споменува и ставот дека „2030 година е временска рамка во која европските држави треба да ги изградат своите воено-одбранбени капацитети“, токму за подготвеност по гореспоменатата основа. Тоа не значи дека војната е неизбежна, велат наши извори, додавајќи дека истото тоа секако значи дека „во политичките центри на Европа веќе се планира за најлошото можно сценарио“.

Две визии за иднината на Алијансата

Самитот во Анкара ќе се одржи во момент кога НАТО се соочува со една суштинска дилема што одамна ја надминува исклучиво воената сфера.
1. Првата визија подразбира дополнително зајакнување на Алијансата преку масовно инвестирање во воената индустрија, забрзано производство на оружје, модернизација на вооружените сили и зголемување на буџетите за одбрана. Во ова сценарио, европскиот дел на НАТО треба да стане „значително посамостоен и поспособен за долгорочно спротивставување на Русија“.
2. Втората визија, пак, не ја исклучува потребата од силна одбрана, но смета дека „трајната безбедност не може да се обезбеди исклучиво преку воена моќ“. Таа инсистира дека покрај таканаречената политиката на одвраќање, НАТО мора повторно да стане „важен фактор во создавањето дипломатски механизми за превенција на конфликти и изградба на нов модел на европска безбедност“.
Токму меѓу овие две концепции ќе се движат и главните политички пораки од Анкара.

Воената индустрија како нов приоритет

Во анализите што ги објавуваат повеќе медиуми се нагласува дека лидерите на Алијансата најверојатно ќе разговараат за дополнително зајакнување на воената индустрија, значително зголемување на трошоците за одбрана и продолжување на поддршката за Киев. Војната во Украина ја разоткри ограничената способност на европската индустрија брзо да произведува доволни количества оружје и современа воена опрема. Затоа повеќе европски држави веќе инвестираат во нови производствени капацитети, а одбранбената индустрија повторно станува една од стратешките економски гранки на континентот. Во оваа насока се вклопуваат и најавите од балтичките држави. На пример, летонскиот премиер Андрис Кулберг најави дека Летонија, заедно со Украина, ќе развива производство на беспилотни летала и системи за борба против нив, користејќи ги украинските искуства стекнати во текот на војната. Во балтичките земји, ваквите проекти се образложуваат во јавноста како „директен одговор на сè почестите инциденти со беспилотни летала и на стравувањата дека конфликтот би можел да добие пошироки регионални размери“. Ова покажува дека источните членки на НАТО веќе длабоко се навлезени во сценарија за долгорочна подготовка за потенцијални безбедносни судири.

Порака од официјална Анкара: Безбедноста не може да се базира само на вооружување

Наспроти горекажаното, токму од домаќинот на самитот, Турција, пристигнува една поинаква политичка перспектива. Имено, претседателот на турскиот парламент Нуман Куртулмуш, обраќајќи се на парламентарниот состанок на НАТО во Истанбул, предупреди дека „безбедноста не може да се гради исклучиво преку вооружување“! Според него, Анкара вложила сериозни дипломатски напори за посредување меѓу Москва и Киев и покрај тоа што тие разговори не довеле до мировен договор, не можат да се оценат како неуспешни. Куртулмуш потсети дека во еден момент двете страни биле блиску до усогласување на нацрт-договорите, но мировниот процес бил прекинат бидејќи, според неговите зборови, „некои земји не сакале мир“. Без оглед дали ваквата оценка ќе биде прифатена или оспорувана, суштинската порака е многу поширока. НАТО, според турската визија, не треба да остане исклучиво воен сојуз, туку треба да размислува и каква мировна перспектива може да ѝ понуди на Европа.

Од воена алијанса кон политичка безбедносна платформа?

Прашањето што сè погласно се поставува во стратешките кругови не е само „како да се одврати Русија“ (!?) туку и „како да се спречи Европа повторно да стане простор на долготрајна геополитичка конфронтација“? Војната во Украина, спорот околу Крим, состојбата во Донбас и продлабочените поделби во евроатлантскиот простор покажаа дека постојниот модел на европска безбедност повеќе не функционира како порано. Оттука произлегува и пошироката дилема, односно „дали НАТО ќе продолжи да се развива претежно како воена алијанса или ќе започне процес на институционална трансформација во кој политичката дипломатија, кризното посредување, превенцијата на конфликтите и создавањето нови механизми за дијалог ќе добијат значително поголема тежина“?
– Таквата трансформација не би значела слабеење на Алијансата. Напротив, би можела да претставува нејзина адаптација кон новата епоха, во која безбедноста сè помалку зависи само од бројот на оружје и жива сила, а сè повеќе од способноста навреме да се спречат конфликтите пред тие да прераснат во војни, велат наши соговорници, воени лица и носители на високи воени чинови пред нивното пензионирање од АРМ.

Анкара – повеќе од дипломатски собир

Поради сето тоа, самитот во Анкара не се доживува како уште една редовна средба на лидерите на НАТО. Тој претставува политички тест за идната стратешка ориентација на најмоќната воена алијанса во светот. Дали ќе преовлада концептот на дополнително вооружување и долгорочна конфронтација со нивниот познат противник или, пак, ќе започне сериозна расправа за нов европски безбедносен модел во кој одвраќањето ќе биде проследено со активна дипломатија и мировни иницијативи? Одговорот на ова прашање нема да биде важен само за Украина или за Русија. Тој ќе биде одлучувачки за идниот безбедносен поредок на Европа и за тоа дали следната деценија ќе биде обележана со нова трка во вооружување или со обид за создавање поодржлива и политички стабилна архитектура на мирот. Затоа, вниманието на јавноста не треба да биде насочено само кон официјалните заклучоци од самитот туку и кон нијансите во пораките што ќе ги испратат лидерите на Алијансата. Токму тие нијанси ќе покажат дали НАТО влегува во нова фаза на засилена воена мобилизација или ќе се отвори простор за визија во која силната одбрана и активната дипломатија нема да бидат спротивставени, туку заемно дополнувачки столбови на европската безбедност. Р.С.


Дали НАТО повторно влегува во логиката на Студената војна?

– Една од најважните дилеми што се отвора пред самитот во Анкара е дали НАТО постепено се враќа кон моделот на долгорочно одвраќање што ја обележа втората половина на XX век. Разликите меѓу тогашниот и денешниот свет се големи, но некои елементи сè повеќе наликуваат на старата геополитичка матрица. Во повеќе европски држави повторно се работи на масовно вооружување, предвоена хистерија, зајакнување на источното крило на Алијансата, создавање резерви на муниција и развој на воено-наменската индустрија. Истовремено, Русија реагира истакнувајќи го перманентното ширење на НАТО кон исток, при што ја прикажува Алијансата како директна безбедносна закана, што дополнително ја зацврстува логиката на меѓусебно одвраќање. Сепак, денешната ситуација не е идентична со Студената војна. Наместо два строго одвоени блока, светот станува сè повеќе мултиполарен, со растечко влијание на Кина, Индија, Турција и на други регионални сили. Затоа, предизвикот за НАТО не е само да ја одржи воената рамнотежа туку и да избегне создавање трајна конфронтација, која би ја ограничила секоја можност за дипломатско решение. Прашањето што ќе остане по самитот не е дали Алијансата ќе биде посилна, туку дали ќе успее да биде посилна без Европа повторно да стане простор на долготрајна геополитичка поделба – анализира наш соговорник, пензиониран генерал на АРМ. Р.С.


Без САД нема НАТО – но каков ќе биде американскиот ангажман?

Самитот во Анкара може да биде уште еден показател дали НАТО останува пред сè евроатлантска организација или постепено се приспособува на пошироките глобални безбедносни предизвици.
– Ниту една анализа за иднината на НАТО не може да се направи без прашањето за улогата на Соединетите Американски Држави. И покрај настојувањата Европа да ги зголеми своите одбранбени способности, американската воена, технолошка и разузнавачка поддршка останува клучниот столб на Алијансата. Во исто време, Вашингтон сè повеќе е фокусиран и на Индопацификот, каде што растечката конкуренција со Кина станува една од главните стратегиски теми на американската надворешна политика. Тоа отвора прашање дали Европа во иднина ќе мора да преземе поголем дел од товарот за сопствената безбедност. Токму затоа идната улога на САД нема да се мери само според бројот на војници распоредени во Европа туку и според тоа како ќе се распределуваат американските безбедносни приоритети на глобално ниво – тврди нашиот соговорник, генерал во пензија, а сега воен аналитичар и наш постојан брифер за воено-безбедносни прашања од висок јавен интерес. Р.С.


Може ли мирот да се гради со силна армија?

Можеби најголемата дилема пред која се наоѓа НАТО не е воена, туку политичка. Дали е можно истовремено да се гради силен систем на одвраќање и да се создава простор за дипломатски компромис? Историјата покажува дека стабилноста најчесто се постигнувала кога силната одбрана и активната дипломатија функционирале паралелно. Воената подготвеност може да ја намали веројатноста за напад, но сама по себе не создава политичко решение за конфликтите. Оттука и пораката што доаѓа од Турција има пошироко значење. Ако безбедноста не може да се темели само на вооружување, тогаш и НАТО, покрај политиката на одвраќање, ќе мора да развива механизми за посредување, градење доверба и превенција на нови конфликти. Прашањето не е дали Алијансата треба да биде силна. Прашањето е дали ќе успее да ја претвори својата воена моќ во инструмент што ќе создава поголема безбедност и повеќе простор за мир наместо само нови линии на поделба. Р.С.


Ердоган: Турција очекува самитот на НАТО да го нагласи единството на Алијансата

  • Турскиот претседател пак апелираше за укинување на ограничувањата за трговија со оружје и воена опрема…

Турција очекува единството на Алијансата да биде нагласено на самитот на НАТО следниот месец во Анкара, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој апелираше за укинување на ограничувањата за трговија со оружје и воена опрема и на Анкара да ѝ биде дозволено да учествува во иницијативи за зајакнување на европската безбедност.
– Нашето главно очекување од самитот е да постигнеме резултати што ќе ја заштитат чувствителноста на националната безбедност на сојузниците и ќе го зајакнат духот на солидарност и единство на Алијансата – рече Ердоган на настан во Истанбул организиран за парламентарците од земјите членки на НАТО.
Турскиот лидер рече дека сојузниците ќе разговараат и за војните во Иран, Украина и во Појасот Газа за време на состанокот, додавајќи дека официјална Анкара очекува поголема поддршка од сојузниците во напорите за ставање крај на повеќе од 40-годишното востание на милитантната Курдистанска работничка партија (ПКК) и вклучување на Турција во европските одбранбени планови.
Анкара ќе биде домаќин на самит на 32 лидери на земјите членки на НАТО, како и претставници од земјите од Персискиот Залив, Азиско-пацифичкиот регион и земјите партнери, на 7 и 8 јули, во услови на тензии во Алијансата околу поделбата на товарот, трошоците за одбрана и поплаките на САД за недоволното учество на сојузниците во повторното отворање на Ормускиот Теснец за време на војната на САД и Израел со Иран. Р.С.


Турција – посредник или нов геополитички центар?

Во последните години, Турција сè почесто настојува да настапува како држава што разговара со сите страни. Од една страна е членка на НАТО, а од друга ги одржува дипломатските канали со Русија, Украина, Блискиот Исток и со повеќе регионални актери.
– Пораките што доаѓаат од Анкара дека „безбедноста не може да се базира само на вооружување“ се вклопуваат во обидот Турција да се позиционира како важен посредник во решавањето на меѓународните кризи. Таквата политика не значи откажување од сојузничките обврски, туку настојување воената моќ да биде придружена со дипломатска иницијатива. Во услови кога комуникацијата меѓу Русија и Западот е сериозно нарушена, секој канал за дијалог добива дополнителна вредност. Доколку Турција успее да ја задржи оваа улога, таа би можела дополнително да го зацврсти своето место како еден од клучните геополитички играчи меѓу Европа, Црно Море, Кавказот и Блискиот Исток. Тука е и нашата шанса, односно за Македонија, која во последно време успева да ги продлабочи билатералните односи со Турција, а т.н. Стратегиска рамка за соработка да ја развие на повеќе полиња, вклучително и на безбедносното поле, вели нашиот соговорник. Р.С.