Фото: ЕПА
  • Европската Унија ги исполни американските барања и, наводно, вгради „осигурувач” што може да го урне целиот трговски договор по 2029 година

Од 1 јули Европската Унија официјално ги укина царините за поголемиот дел од индустриските и значителен број земјоделски производи што пристигнуваат од Соединетите Американски Држави. Со тоа Брисел ја исполни најважната обврска што ја презеде со трговскиот договор постигнат минатото лето во шкотскиот Тарнбери, договор што многумина го оценуваат како најконтроверзниот трансатлантски економски компромис во последните неколку децении.
Регулативата за неговото спроведување беше објавена во Службениот весник на Европската Унија, а стапи во сила токму во средата, на 1 јули. Портпаролот на Европската комисија за трговија, Олоф Гил, изјави дека Унијата го исполнила своето ветување и дека станува збор за „добра вест за трансатлантските односи“.
Но зад дипломатските пораки се крие една многу покомплицирана политичка реалност. Договорот е резултат на силен американски притисок, а не на рамноправни преговори, сметаат голем број европски аналитичари.

Вашингтон го диктираше темпото, Брисел се бранеше

Во суштина, договорот предвидува Европската Унија речиси целосно да ги отвори своите пазари за американските индустриски производи, додека САД задржуваат царини до 15 проценти за најголемиот дел од европскиот извоз.
Иако Белата куќа го претставува договорот како победа за американската економија, во Европа не престануваат критиките дека Брисел бил ставен во дефанзива.
Американскиот претседател Доналд Трамп со месеци јавно го критикуваше бавниот европски процес на ратификација и отворено побара Унијата да го спроведе договорот пред 4 јули – денот кога САД ја одбележуваат 250-годишнината од прогласувањето на независноста. Во спротивно, Вашингтон не криеше дека повторно ќе ги разгледа царинските мерки против европските производи. Таквиот пристап многумина во Европа го оценија како класична политика на притисок, во која економските инструменти се користат како средство за постигнување политички цели.

Тајната клаузула што ја бараше Европскиот парламент

Свесни за непредвидливоста на американската политика, европратениците инсистираа договорот да не биде неограничен. Токму затоа во финалната верзија беше вметната т.н. „sunset clause“ – клаузула според која договорот автоматски престанува да важи на 31 декември 2029 година, односно по завршувањето на актуелниот претседателски мандат на Доналд Трамп, освен ако Европската Унија и САД дотогаш не се договорат за негово продолжување. Оваа одредба не е насочена лично против Трамп, но е јасен сигнал дека европските институции не сакаат трајно да се врзат за договор постигнат во исклучително турбулентен политички период.
Практично, Европскиот парламент си обезбеди можност повторно да ја отвори целата трговска рамка веднаш штом ќе се промени политичката констелација во Вашингтон.

Уште една безбедносна сопирачка

Во договорот е вградена и дополнителна заштита.
Европската комисија (ЕК) добива право да го суспендира договорот доколку американската администрација до крајот на годината не ги укине дополнителните царини од 50 проценти за стотици производи што содржат челик и алуминиум.
Токму тие американски царини остануваат една од најголемите точки на спор меѓу двете економски сили.
– Конструктивните разговори продолжуваат на техничко и политичко ниво – изјави Олоф Гил, додавајќи дека Комисијата ќе продолжи да работи со американската администрација за целосно исполнување на преземените обврски.

Дали Европа попушти?

Формално гледано, Европската комисија инсистира дека договорот носи стабилност и предвидливост за најголемиот трговски однос во светот, вреден повеќе од 1,6 трилион евра годишно.
Но, политички гледано, впечатокот е значително покомплексен. Во Европа сè погласно се поставува прашањето дали Брисел навистина преговараше од позиција на сила или беше принуден да прифати услови што претходно би ги сметал за неприфатливи.
Фактот дека САД задржаа дел од сопствените царини, додека ЕУ практично ги елиминираше своите за повеќето американски производи, дополнително ги засили критиките дека рамнотежата во договорот не е целосно еднаква.

Порака за иднината

И покрај тоа што договорот стапи во сила, неговата политичка судбина останува неизвесна. Клаузулата за автоматски престанок во 2029 година, можноста за суспензија доколку САД воведат нови царини и резервите што ги покажуваат европските институции откриваат дека довербата меѓу двата традиционални сојузника веќе не е безусловна.
Вашингтон успеа да ги наметне својата динамика и рокови. Брисел, пак, прифати да направи значајни отстапки, но истовремено вгради правни механизми што треба да му овозможат во иднина полесно да се повлече доколку американската страна повторно ја користи трговијата како средство за политички притисок.
Оттука, договорот може да се нарече историски, но не затоа што ги решил трговските несогласувања меѓу Европа и Америка, туку затоа што за првпат толку јасно ја откри променетата рамнотежа на моќта во трансатлантските односи – однос во кој Вашингтон настапува проактивно и офанзивно, додека Брисел сè почесто реагира дефанзивно, обидувајќи се преку институционални механизми да ги ограничи последиците од таа асиметрија. Р.С.