Тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) на терен, во координација и на барање на останатите надлежни институции и служби, се справуваа со ситуациите за нормализирање на погодените локации од невремето проследено со пороен дожд во Македонија. Вчерашното големо невреме проследено со пороен дожд предизвика локални поплавувања на повеќе улици, подвозници и објекти, како и помали материјални штети, информираат од ДЗС.
– Благодарение на навремената реакција на службите, последиците беа брзо надминати, а според досегашните информации, невремето предизвика само помали материјални штети и нема повредени лица ниту човечки жртви. ДЗС продолжува да ја следи состојбата и останува подготвена за навремена реакција, при што на повик на службите и институциите за интервенција, таму каде што не се можело, помага во испумпување на поплавени објекти и куќи по повик за помош- велат од дирекцијата.
Оттаму потсетуваат дека граѓаните во случај на опасност или итна потреба тоа го пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.


































