Фото: Маја Јаневска - Илиева

Поради силното невреме и обилните врнежи што вчера го зафатија Скопје, на нивото -1 на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија било регистрирано протекување на вода во делот каде што се наоѓа Одделот за радиотерапија.

Од Клиниката информираат дека како превентивна мерка радиотерапевтските апарати биле привремено исклучени, а по санирањето на дефектот просториите биле исчистени и дезинфицирани.

По извршените проверки од овластени лица било утврдено дека апаратите немаат оштетувања, по што радиотерапевтските третмани продолжиле без прекин за сите пациенти.

Во просторијата каде што се лекуваат пациенти со терапија со радиоактивен јод исто така било забележано протекување на вода, поради што пациентите биле превентивно и безбедно преместени во друга соодветна просторија во рамки на Клиниката.

Во координација со Институт за нуклеарна медицина и Дирекција за радијациона сигурност биле спроведени сите неопходни проверки и мерења, при што било потврдено дека нема радиоактивна контаминација.

Од Клиниката нагласуваат дека безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал не била загрозена и дека состојбата е целосно под контрола.