(Зоран Анчевски, „Длабок простор“. Скопје: „Арс ламина – публикации“,
„Арс либрис“, 2026)
Поезијата не може да се сведе исклучиво само на зборови на хартија; таа е и начин на „населување“ на просторот со значење, емоции, слики и звуци. Релацијата: поезија – простор е мошне комплексна и динамична. Познато е дека низ историјата, поетите, меѓу другото, го истражувале односот меѓу макрокосмосот (планети, ѕвезди) и микрокосмосот (човековата душа), преобликувајќи ги космичките простори во емотивни пејзажи или во еден „внатрешен космос“ на човекот, каде што емоциите се пространи и неистражени слично на галаксиите во вселената.
Најновата, десетта по ред стихозбирка на Зоран Анчевски, „Длабок простор“, го следи споменатиот дуализам на постоењето. Во првиот циклус, со наслов „Ничија земја“, се тематизира големата драма на егзистенцијата преку научната теорија за „Големиот тресок“ и развојот на вселената. Потоа, преку темпоралната феноменологија фокусирана врз дијалогот на хронотопите во вториот циклус („Ниедно време во ниедно место“), фокусот постепено се префрла од макроплан на микроплан, односно од универзалните теми кон личните емотивни состојби. Следните два циклуса орбитираат меѓу „Трошките тага и самотија“ и „Трошките радост и убавина“, за на крајот книгата да кулминира со петтиот, завршен и безмалку арспоетички циклус со наслов „Плахи песни во еден здив“. Но тоа не е крај! Финалето е резервирано за песната „Појди“ (на старогрчки Ϊιε) како своевидна „Кода“ (завршен дел). Притоа, одделните циклуси не се строго врзани за насловните знаци, туку се преплетуваат и кореспондираат меѓу себе, дури и си „упаѓаат“ еден во друг: макрокосмосот се огледува во микрокосмосот и обратно.
Стихозбирката „Длабок простор“ се одликува со исклучително компактна структура. Композициски, книгата содржи пет циклуси со по 12 песни, плус една воведна и една завршна песна. Нумеролошката симболика, очигледно, не е случајна! Бројот пет се смета за еден од најдинамичните и најзначајни броеви што го симболизира човечкото искуство, додека, пак, бројот 12 е број што означува совршенство, комплетност, целосна структура, божествен/небесен поредок. Еве ги повторно во игра микро и макрокосмосот, кои се во една дијалектичка спрега, во еден совршен танц во поезијата на Анчевски.
Насловната синтагма „длабок простор“ е стожерна за целокупната архитектоника на оваа книга свет. Кој е тој „длабок простор“? Во истоимената песна, нашиот поет дава одговори што повеќе загатнуваат отколку што разгатнуваат, па така, „длабок простор“ е „мантија на маѓесник / со зашиени ѕвезди и месечини / што неуморно трепкаат / ко никогаш да не узнале за сон“, поле „послано со црно жито“, „црна ларва“, „густо испишана страница / од свечен историски говор / што наеднаш исчезнува / пред очите на говорникот“. Во една друга песна, пак, („Но не“), лирскиот субјект ќе констатира: „Си мислеше, длабокиот простор нагоре се шири, / но не – и во тебе тој корен да ти пуштил / што ко вретено врти и дрско ти длаби до сржта“. Човекот се впишува во просторот, просторот – во човекот. Оттаму, вистинскиот простор што го населува оваа поезија е дијалектиката на просторот надвор и внатре; поетот има моќ да ги прикаже заемната условеност и комплементарност помеѓу неизмерноста на светот, од една, и длабочината на интимното битие, од друга страна.
Спацијалноста во една песна се рефлектира најнапред во нејзината стиховна организација; конкретно, во најновата стихозбирка на Анчевски, таа е разиграна и разнообразна: опфаќа од песни во стих до песни во проза, од лирски минијатури до песни со скалест стих или сонети. Тука се и празните места, маргините, белините меѓу зборовите, ритамот, тишината… Сето тоа ја гради „поетиката на просторот“ (кажано башларовски). Поезијата е и простор на слобода, на креација на нови, имагинарни простори наспроти логиката на рационално уредениот свет. Сознанието дека „се лити светот на стварноста, се шири светот / на вообразбата… со пулејки, пафти и петлици“ (како во песната „Соѕвездија“), е уште една убава метафора за поезијата и нејзината исконска, исцелителна моќ на обнова на светот што денес толку му е потребна, речиси еднакво како и неговото опстојување доведено под прашалник од војни, конфликти и недоразбирања, од оној „див вител“ за кој пее Анчевски, што „ита кон нас / и го носи крајот на времето“.
Поезијата на Анчевски е луцидна и покрај сериозноста и загрижувачката (предупредувачка) димензија во многу од песните како: „Јанѕа“, „Страв“, „Малодушност“… Кога на ова ќе се додаде и хуманистичката димензија што провејува низ стиховите што ги поетизираат староста и самотијата (сфатени како другост на сопствената душа, можеби), потем, „физиката на тагата“ или очајот и надежта во личната исповед (истоимена песна), станува јасно дека нашиот поет е суптилен заговорник на една ангажирана лирика, во најубавата смисла на зборот.
Лидија Капушевска-Дракулевска

































