ШАХ – ЗАВРШИ СП ЗА МЛАДИ
- Петтемина македонски учесници освоија вкупно 21,5 поен (15 победи, 13 ремија, 27 порази) од можни 55 или 39 отсто
Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска (1.978 рејтинг-поени, рангирана 43-та пред почетокот) е најдобро пласиран македонски учесник од петтемина на Светското првенство (СП) во шах за млади (до 12, 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња), кое заврши во Монтенсилвано, Италија. По 11 одиграни кола, македонската репрезентативка во категоријата до 18 години го освои 50-то место со 5,5 поени (по четири победи и порази и три ремија), но и нови освоени 12,4 р.п.. Никола Павлески (1.971, 97.) во истата категорија го освои 93-то место со 4,5 поени (по три победи и ремија и пет порази), но и најмногу освоени р.п. (76,8).
Ист број поени освои и Кристијан Кавазов (1871, 118.), кој до 16 години го освои 114-то место (по три победи и ремија и пет порази) и нови 28 рејтинг-поени. Наде Смилевска (107.), до 16 години, го освои 103-то место со три поени (по две победи и ремија и седум порази). И Даниел Стефаноски (1.860, 92.) до 14 години заврши на 119-то место со четири поени (три победи, две ремија и шест порази).
Во последното 11. коло, само Жежовска ремизираше, додека другите македонски шахисти ги загубија партиите. Македонските учесници, кои ги предводеше искусниот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски, освоија вкупно 21,5 поен (15 победи, 13 ремија и 27 порази) од можни 55 или 39 отсто. На СП за млади во Италија играа вкупно 758 шахисти (два ВМ, 22 ИМ, 14 ЖИМ, 103 ФМ, 61 ЖФМ) од 83 шаховски федерации. Г.И.

































