ПАНЕЛ ЗА КУЛТУРНА ДИПЛОМАТИЈА ВО БЕЛГРАД

Директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, учествуваше како говорник на панел-дискусијата посветена на културната дипломатија, која се одржа во палатата „Србија“ во Белград. На настанот присуствуваше и премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут, заедно со голем број претставници на дипломатскиот, културниот и академскиот сектор. Културниот дијалог, уметноста, музиката и меѓучовечките врски беа во фокусот на настанот „Културни белешки за заедничката иднина“, кој ја истакна улогата на културата во градењето меѓусебно разбирање и создавањето заедничка иднина во сè поповрзаниот свет. Претставниците на културните институции, уметници и експерти од повеќе земји, разговараа за културата како значаен инструмент за јакнење на меѓународната соработка, развојот на културната дипломатија и продлабочувањето на меѓусебното разбирање меѓу народите.
Во своето обраќање, Цуцковски го претстави најголемиот македонски музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, осврнувајќи се на неговата повеќедецениска улога во афирмацијата на македонската култура и уметност на меѓународната сцена.
– „Охридско лето“ претставува една од најзначајните платформи за културна дипломатија на Македонија. Основан во 1961 година, фестивалот повеќе од шест децении ги поврзува уметниците, институциите и публиката од различни земји преку музиката, театарот и другите сценски уметности. Културната дипломатија се заснова на идејата дека културата може да создаде меѓусебно разбирање и доверба меѓу народите. Во таа смисла, „Охридско лето“ функционира како мека моќ на државата, претставувајќи ја македонската култура пред меѓународната јавност и истовремено овозможувајќи културна размена со светот – истакна Цуцковски.
Тој ја нагласи важноста на „Охридско лето“ како платформа за промоција на националниот идентитет, но и како мост што ги поврзуваат различните култури и народи.

– Фестивалот има силен меѓународен карактер. На неговите сцени настапувале голем број светски познати уметници, диригенти, солисти и театри, што придонесува за градење позитивен културен имиџ на државата и за нејзино позиционирање на европската и светската културна мапа. Особено е значајна улогата на фестивалот во поттикнувањето на интеркултурниот дијалог. Како член на Асоцијацијата на европските фестивали и потписник на декларации за интеркултурен дијалог, „Охридско лето“ создава простор каде што различни културни традиции се среќаваат и комуницираат преку уметноста – кажа Цуцковски.
Говорејќи за значењето на фестивалот, Цуцковски истакна дека „Охридско лето“ одамна ја надминало рамката на обичен културен настан и прераснало во значаен промотор на државата.

– Покрај културната, фестивалот има и туристичка и промотивна функција. Одржувањето на настаните во уникатниот амбиент на Охрид ја афирмира државата како културна и туристичка дестинација, привлекувајќи посетители, медиуми и уметници од различни земји. „Охридско лето“ не е само фестивал на уметноста туку и важен инструмент на културната дипломатија. Преку промоција на културните вредности, поттикнување на меѓународна соработка и развивање интеркултурен дијалог, фестивалот придонесува за зајакнување на меѓународниот углед и културниот идентитет на Македонија – нагласи Цуцковски.
Панелот испрати силна порака дека културата останува еден од најважните двигатели на меѓународната соработка, довербата и разбирањето меѓу народите, а културната дипломатија е клучен инструмент за градење заедничка и одржлива иднина. В.Д.