При контролата во Психијатриската болница „Демир Хисар“, Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител утврдил сериозни проблеми во работењето на Форензичкото одделение.
Според заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска, во установата биле затекнати околу 20 лица кои, според проценките на НПМ, немале реална потреба од психијатриско лекување, туку преку спорни судско-психијатриски вештачења избегнале издржување затворски казни.
Од НПМ посочуваат дека ваквата состојба создава дополнителен товар за медицинскиот персонал, кој покрај лекувањето на пациентите мора да се справува и со безбедносни предизвици.
Според извештајот, дел од лицата упатени на лекување предизвикувале нарушувања во функционирањето на одделението, а персоналот бил изложен на притисоци и закани. Во исто време, вистинските пациенти биле погодени поради намалените капацитети и преоптовареноста на вработените.
НПМ веќе побарал информации од Комората на вештаци за начинот на кој се применуваат професионалните и етичките стандарди при судско-психијатриските проценки.
Дополнителен проблем, според извештајот, е честата промена на раководството – во период од 2024 година до посетата на контролниот тим биле сменети четворица директори, што влијаело врз стабилноста и организацијата на установата.




































