Од јули на позитивната листа на лекови ќе бидат вклучени нови антикоагулантни терапии, меѓу кои и Клексан и Фраксипарин, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
На брифинг со новинарите, Клековски појасни дека станува збор за лекови кои се користат за спречување на згрутчување на крвта кај различни категории пациенти, вклучително и по тешки хируршки интервенции, како и кај лица со одредени кардиоваскуларни заболувања.
– Конечно ќе ги има во аптеките Клексан и Фраксипарин. Станува збор за антикоагуланси кои се користат кај акутни состојби, постоперативно и кај пациенти со зголемен ризик од тромбози – изјави Клековски.
Тој се осврна и на употребата на Клексан кај бремени жени, посочувајќи дека лекот не е наменет за сите бремености, туку за конкретни медицински индикации.
Според него, во пракса се забележува широка употреба на лекот кај жени кои поминале низ ин витро постапка, поради што Фондот планира дополнителни разговори со стручната јавност.
– Не е јасно по кои критериуми голем дел од бременостите се класифицираат како патолошки. Не може две третини од бременостите да се третираат како патологија – рече директорот на ФЗО.
Клековски нагласи дека меѓу приоритетите на Фондот остануваат контролата на потрошувачката на лекови на рецепт, создавање услови за воведување современи терапии и спречување злоупотреби во системот.
Со проширувањето на позитивната листа, пациентите ќе добијат подобар пристап до дел од терапиите кои досега ги набавуваа со сопствени средства.


































