Љубомир Јованоски
Од центарот на стадионот на Ацтеките во Мексико Сити се стркала фудбалската топка накитена со многу електроника и ја најави победата на домаќинот Мексико врз Јужноафриканската Република. Сцената ме наврати назад до 1970 година од минатиот век, кога на овој ист стадион, величествениот Бразил со легендарните Пеле, Тостао, Жаирзињо, Ривелино и преостанатите бразилски ѕвезди, до нозе ја победи моќната фудбалска машинерија на Италија со 4-1. Како дечишта, се собиравме по куќите со црно-бели телевизиски апарати, кои можеа да се избројат на прсти. Таму врвеше како во кошница. Кутрите стопани, сигурно зажалиле што купиле за тоа време скапи апарати. Но, сѐ беше во името на заедништвото и дружењето.
Зад случувањата на спортските терени, кои неприкосновено господареа со етерот и атмосферата на сеопшто задоволство, се случуваа и некои за нас „споредни“ настани во таа 1970 година. Полковникот Моамер ел Гадафи беше прогласен за премиер на Либиска Џамахирија. Беа ратификувани повелбите за забрана на употреба на атомско оружје во Москва, Лондон и Њујорк. Се случи државен удар во Камбоџа. Генералот Лон Нол го собори од престол принцот Нородом Сиханух додека тој беше во посета на Москва. Катар се стекна со независност од Британија. Православната црква во Америка ја доби својата автокефалност од страна на рускиот патријарх Алексеј Први. Во таа 1970 година, комунистичка Кина го лансира својот прв вештачки сателит, а Јапонија четвртиот. На музичката сцена, „Битлсите“ го издаваат својот последен албум „Let It Be“. Почина португалскиот диктатор Салазар. Неговиот колега Франциско Франко уште пет години ќе владее со Шпанија. Значи, Европа имаше свои диктатори. Дека многу малку работите се менуваат зборува и фактот за грабежот на четири патнички авиони од страна на палестински терористи што летале од Европа за САД. Запален е и „боинг 747“ на „Пан Америкен“ во Каиро, додека два „боинга 707“ се дигнати во воздух во Јордан. Умира славниот Џејмс Маршал или Џими Хендрикс, еден од најталентираните светски гитаристи, а папата Павле Шести е на турнеја низ земјите на Азија. Од филмската индустрија доаѓаат „Љубовната приказна“ со Али Мекгроу и Рајан О’Нил, „Генералот Патон“ со Џорџ Скот и Карл Малден, „Рајановата ќерка“ на оскаровецот Дејвид Лин со Роберт Мичам, Тревор Хауард и Сара Мајлс и домашните „Кој пее зло не мисли“, „Ајдучија“ и „Црвено класје“.
Она што е минато и поминало, секогаш има помала тежина од секојдневието со кое се соочуваме од утро до вечер. Некогашните проблеми се ништо во однос на траумите во јавето. Што се однесува до убавите нешта, тие се пријатни и во минатото и денес. Но бидејќи времето самото си носи нови трендови што се прилежни за сегашноста, тогаш мораме да ја прифатиме вистината дека Бразил повеќе не игра романтичарски спектакуларно, дека другите, па дури и аутсајдерите (ако ги има), можат да му дадат силен отпор на фаворитот бидејќи сите тие својата снага ја молкнат од вежбалниците, па и за нив игралиштата се претесни. Денес фудбалерите мора повеќе да внимаваат на правилата, кои постојано се менуваат, отколку на играта. Масовност? Импозантна бројка од 48 репрезентации на светските фудбалски мегдани. Некој спомна за масовност што носи профит?
Се чини дека само два медиумски настана можат целосно да го окупираат вниманието на јавноста. Може слободно да се каже дека тоа се политиката и спортот. Привидно, доминацијата како да е на страна на фудбалот. Така треба да биде. Арно ама,политичарите и генералите не се предаваат. Тажно и невкусно е едно ушесто и мошне вредно суштество да има атрибути на простикава мануелна кроткост чиј дострел е исклучиво амалскиот ангажман. Тоа животинче докрај ќе мора да си ја носи дилемата. Одамна еден умен филозоф му ја доделил улогата на типичен пример за концептот на изразување слободна волја. Се чини повеќе како карактерен белег на човекот. Жан Буридан е значаен француски филозоф од 14 век, кој во една хипотетичка варијанта го поставил парадоксот како концепт за правилно користење на сопствената волја. Стои магаре така на средината помеѓу два пласта сено или пласт сено и кофа со вода – егзистенцијални потрепштини – и поради својата неодлучност да донесе разумна одлука за која опција ќе се определи, едноставно угинува. Жан Буридан размислува и зборува и денес, нели? Претпоставено и по малку наивно, овој парадокс како да ја измачува и денешната цивилизација, која мака мачи да се одлучи за опција што ќе донесе континуитет на вистински вредности и спокоен живот. Кој е патот што треба да го одбере за да се одбегнат самоуништувачките трендови по кои тргнала? Разумот и мудроста инсистираат на опција што животот нема да го стави на длабока периферија од скалилото на вистинските вредности. Би требало да се бара содржина што човекот нема да го спушти на најниско ниво од неговиот еволутивен пат. Мудроста со леснотија би го открила. Просто, себеспознанието или свеста треба еднаш засекогаш да престанат да користат приземни опции за манипулација со сопствениот род. Надградбата живот и животни радости да не се сведува на ниво на гола анимална егзистенција. Носење разумни одлуки, на одлуки што ќе го игнорираат парадоксот на дилемата или двојбата, а кои водат до катастрофални исходи за целото човештво, треба да биде императив за големите, за оние со високо интелектуално ниво, на фактори што сакале или не, кои на својот грб ја носат одговорноста за целата цивилизација. Ова со цел што е можно поскоро да се најдат разумни решенија за мачнините на цивилизацијата. Веднаш треба да се втемелат силни гаранции за една трајна извесност за нејзината безбедна иднина. Со еден збор, бегство од патеката што нуди катастрофи и внесува аномалии штетни за човештвото.
По средбата помеѓу Си и Трамп, една реченица изговорена со длабокомислени пораки од страна на кинескиот лидер и упатена до американскиот интригантно го постави начинот на толкување на политичката енигма пред сета светска медиумска јавност. Поголемиот број жители на оваа планета веројатно не прават разлика помеѓу Мефисто и Тукидид. Творецот на теоријата за меѓународните односи и воените историчари, овој грчки писател, стратег и филозоф е речиси полубог за сите што го разбираат.
Професорот по историја на Универзитетот „Јејл“, Доналд Кејган, Тукидидовите писанија ги нарекува извор на мудрости за однесувањето на човечките суштества во мигови кога ќе се најдат пред состојби на висок набој предизвикан од војни, епидемии и граѓански судири. Ако господинот Си во еден момент обраќајќи им се на американските политичари и воени лица, но и на сопствените, го спомна терминот „Тукидидова стапица“, тогаш сите тие треба да го стават прстот на челото и да се обидат внимателно да ја протолкуваат оваа значајна порака. Веројатно дека господинот американски претседател го одобрува влијанието од страна на стариот грчки интелектуалец врз неговите високи политички и воени стратези бидејќи станува збор за реалистичко учење и збор за приемливост на реалполитиката. Тоа значи дека сите политички фактори денес се свртени кон сопствениот интерес, без да се истакнува идеологијата или моралните вредности. Со еден збор, потребно е да се согледа реалноста и да се дејствува прагматично дури и во најкритичните мигови. Во вистинскиот свет, јаките и моќните го прават она што сакаат, а сиромашните и нејаките трпат сѐ што ќе им дојде до глава. Мелискиот дијалог за време на пелопонеските војни помеѓу Спарта и Атина инсистира на серија преговори за предавство на послабиот во конфликтот, од кои може да се заклучи дека исправното и погрешното ја губат силата пред суровата моќ.
И каде сме во моментов? Дали сите светски судири, кои се намножија до лудило, ќе се решаваат со реалполитиката на таткото Тукидид, атинскиот умник или ќе се оди по правило на доминација на силата, прашање е сега. Во секој случај, и едното и другото решение во суштина се аналогни и изнудени, но ни оддалеку нема да бидат праведни и вистински. Затоа, пак, сигурно е дека со тие политички инструменти и малку повеќе мудрост ќе се одбегнат трагедии од пошироки размери. Можеби ги измешавме работите што се наметнуваат како примарни во сегашново ријалити, но тоа е нашето јаве. Господа, па и дами, пивото во раце, кикиритките, бадемите или лешниците на масата и ајде да навиваме прагматично за најдобриот. Се чини дека победникот би требало да биде Тукидид.
Авторот е писател


































