Фото: МИА

Владата, на предлог на Министерството за здравство, ја усвои информацијата за формирање Центар за итна медицинска помош во Скопје, со цел подобрување на системот за итен медицински одговор, побрзи интервенции и поефикасно спасување човечки животи.

Според Министерството за здравство, реформата предвидува издвојување на Итната медицинска помош како самостојна институција, што треба да овозможи поголема организациска и оперативна независност.

Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека станува збор за значајна системска промена која ќе овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање и побрзо донесување одлуки.

 – Формирањето самостоен центар за итна медицинска помош ќе овозможи подобар одговор на итните повици и поефикасно користење на ресурсите. Не создаваме нов систем, туку ја модернизираме и институционално ја зајакнуваме постојната организација – истакна Алиу.

Во првата фаза од реформата е предвидено Итната медицинска помош – Скопје да функционира како посебна институција, по што постепено ќе следува интегрирање и на другите служби во рамки на идниот центар.

Од Министерството наведуваат дека моделот се темели на позитивни искуства од земјите во регионот, каде што итната медицинска помош функционира како самостојна институционална структура. Според нив, ваквиот пристап овозможува подобра координација на тимовите, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување единствени стандарди за работа и професионален развој.

Очекувањата се дека новиот центар ќе придонесе и за надминување на долгогодишните кадровски и организациски предизвици, со што ќе се обезбеди поквалитетна и поефикасна услуга за граѓаните.