Момент од мечот Гана - Панама - Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СПОРЕД РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПРВОТО КОЛО

  • Ниту една репрезентација од најсилниот барабан не загуби натпревар од првото коло на СП 2026, а половина од 12-те селекции во четвртиот барабан освоија бодови. Во двата случаја повеќе репрезентации освојуваа бодови во првото коло на СП 2026 отколку во воведните мечеви на претходните два планетарни шампионата, во 2018 и 2022 година

Половина од фудбалските репрезентации што беа во четвртиот барабан пред ждрепката на групите за годинашното Светско првенство (СП) освоија бодови во првото коло на СП 2026. По првото коло ниту една репрезентација од најсилниот, прв барабан, не загуби натпревар. Во двата случаја повеќе репрезентации освојуваа бодови во првото коло на СП 2026 отколку во воведните мечеви на претходните два планетарни шампионата, во 2018 и 2022 година. На тие три светски првенства составот на барабаните беше одредуван според пласманот на селекциите на ранг-листата на Светската фудбалска федерација, а на некои претходни според листата и според географските региони, пред тоа и според ефектот на репрезентациите на претходни мундијали…

По првиот круг натпревари во групната фаза на СП 2026, кој се игра во САД, Мексико и во Канада, од репрезентациите во четвртиот барабан победи забележаа Гана и Шведска, а ремизираа Зелено`ртските Острови, Нов Зеланд, БиХ и ДР Конго. Од нив, Шведска води со бодовна предност во групата Ф, а бодови во дуели со селекции од првиот барабан во првото коло освоија Зелено`ртските Острови, БиХ и ДР Конго.
На минатото Светско првенство, во 2022 година, од четвртиот барабан, во кој беа осум репрезентации, бодови освоија три селекции (две победи и едно реми), а четири години пред тоа две репрезентации (две победи). Во вториот круг, тогаш осминафинале (годинава тоа е 1/16-финале) на СП 2018 и на СП 2022 се пласира по една селекција.

Во осминафиналето на СП 2018 и 2022 се пласираа по две најдобри селекции од секоја група, а на СП 2026 во следната рунда ќе играат по две најдобри репрезентации во секоја група и осум најдобри меѓу третопласираните.

Од најсилниот барабан, пак, победи годинава во првото коло остварија репрезентациите на Германија, Мексико, САД, Аргентина, Франција и на Англија, а по еден бод освоија селекциите на Канада, Шпанија, Бразил, Португалија, Холандија и на Белгија. Од овие репрезентации, во водство на табелите во своите групи се Германија, Мексико, САД, Аргентина и Англија.

На СП 2022 и на СП 2018 од осумте репрезентации во првиот барабан бодови освоија по шест (во 2022 година тие селекции забележаа шест победи, а во 2018 година по три победи и ремија). Од селекциите од првите барабани на двете претходни светски фудбалски првенства во осминафиналето се пласираа по шест селекции. Н.М.