Претседателот на САД, Доналд Трамп, им се заблагодари на кинескиот и на рускиот лидер, Си Џинпинг и Владимир Путин, за неутралниот став за време на конфликтот со Иран, оценувајќи дека тие две држави не ги попречиле напорите на Вашингтон за ограничување на нуклеарните амбиции на Техеран.
Зборувајќи на прес-конференција за време на Самитот на групата Г-7 во Евиан, Трамп ја поздрави кинеската и руската воздржаност од, како што рече, вмешување во конфликтот.
– Само сакам да им се заблагодарам затоа што ги направија работите многу полесни. Можеше да ни биде многу потешко ако тие одлучеа поинаку“, изјави Трамп по повод постигнатото примирје во конфликтот со Иран.
Во меѓувреме, официјален Пекинг изрази поддршка на меморандумот за разбирање меѓу Иран и САД, насочен кон завршување на конфликтот.
Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи го поздравил „одговорниот и дипломатски пристап“ на Исламската Република во решавањето на спорните прашања и напредокот во преговорите.
Иранскиот министер го информирал кинескиот колега за деталите од привремениот договор со САД и изразил надеж дека Техеран и Пекинг ќе можат да ги искористат можностите што произлегуваат од меморандумот за зајакнување на билатералните односи, особено во енергетиката и економијата.



































