Фото: ЕПА

ЕВРОПСКА УНИЈА: ПЕРИОД НА ПРОМЕНИ, РЕФОРМИ, ТРАНЗИЦИЈА И ЗАТКУЛИСНИ ИГРИ

  • Два големи настана се случија едноподруго на кои се потврдија големите европски промени – собирот во Кишинев и тој во Тиват.
    И на двата настана бевме присутни и добивме каков-таков ветер во македонските национални едра. Но има отворени дилеми и причини за стравување

„Значи, ние мора да го смениме начинот на кој функционира Европската Унија“. Ова во ексклузивно интервју за „Политико“ го истакнува Жордан Бардела, лидер на Националниот собир, најсилната десничарска партија во Франција. Бардела во моментов се гледа како предводник на претседателската трка наредната година. И оваа порака не само што се зема сериозно и во Брисел и низ Европа туку и се прават анализи од типот – до каде е способна Франција да ја менува ЕУ доколку Бардела дојде на местото на Емануел Макрон.

Македонија, која е на периферијата на овие европски потреси во најава, може само да се надева дека нешто ќе се смени и во ригидната преговарачка рамка што ја наметна Макрон за земјите од Западен Балкан, регион што ЕУ успешно го чува во санитарен кордон. Доколку пуленот на Марин Ле Пен, Бардела, стане нов претседател на Петтата Република, во тој случај финансиите што Франција ги дава во касата во Брисел ќе се намалат за 50 проценти, а во тој предвидлив шок ќе се намалат и парите за проширување на Унијата. И ова секако не е евроскептицизам, тој и онака не зависи од нас.

Клучниот збор што секој аналитичар треба да го подвлече со црвен фломастер е – промени. Тие се еволутивни, значи бавни, но и револуционерни, што значи брзи и нагли, и се поттикнати од барања како овие што ги поставува Бардела. Во суштина тој е во ред со НАТО, но и не со ЕУ. Истото прашање треба да си го постави и Македонија и како држава и како општество – а што со Европската Унија?

Фото: ЕПА

ВЕТРИШТА НА ПРОМЕНИТЕ

Промените веќе дуваат сѐ посилно низ Европа, но има и разочарувања и многу неизвесности. Украина е секако еден од иницијалните детонатори за тие промени, а летнаа и повеќе политички глави во име на украинската кауза (Виктор Орбан, секако), која можеби е повеќе на извесни европски центри на моќ и пари отколку на самите Украинци. Како колатерална штета на украинската криза засега може да се смета и Македонија, која од самиот почеток на „специјалната руска интервенција“ во Украина зазеде јасен став во одбрана на украинскиот суверенитет. Даде воена помош, но и политичка, застана зад многу декларации, но на крајот може да ѝ се случи во рацете да ѝ остане празен корнет, иако очекувала вкусен сладолед. Можно е пак да биде изиграна во дворските политички игри на моќниците во Брисел. Односот кон Македонија не е само бирократски, односно следење на исполнувањето на реформите, туку е повеќе геополитички (анихилистички), кој е вирус што се влече од 19 век. Ако сакате, именувајте го тој вирус антимакедонизам и нема да згрешите. Во него се содржани секвенци и од негирањето на јазикот и на историјата и на културата, па ако сакате и на потеклото, а веќе ги имаме и првите јасни нагласки дека е спорна и територијата.

Да се навратиме на промените низ кои ЕУ/Европа ќе поминува. Возот на промените има своја локомотива во Германија, но не само како економска сила туку и како идеолошки модел. Зад неа со мало задоцнување се вклучи и Франција. Како последен модел што се фаворизира е тој зад кој цврсто стои Германија, како лидер, заедно со Франција, Италија, Шпанија, Холандија и Полска, кои фаворизираат една стара идеја, односно моделот „Европа во две брзини“. Тука како проблем искрснува старата поделба на државите од југот и државите од северот, но тоа е предмет за идна длабока анализа.

АМЕРИКАНСКА КЛЕТВА НАДВИСНАТА НАД БУГАРИЈА

Наједноставно кажано, овие шест држави би биле европската локомотива во економска, технолошка и воена смисла, а како што тие ќе стануваат сѐ посилни таа сила би требало да се префрла и на другите членки на Унијата. Кои ќе бидат тие, дали ќе има поддивизии или не, ние не знаеме, а веруваме дека планерите и тоа го решиле. Каде е во тој план местото на Македонија,и тоа не е сосема јасно. Она што е оптимистички за нас е што токму Германија стои зад предлогот приемот на нови членки да се одвива со квалификувано мнозинство, а не со консензус за да се избегне ветократија.

Можеби наскоро и фамозниот нон-пејпер што циркулирал на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват ќе добие и некоја појасна физиономија. Станува збор за влез на неколку држави во ЕУ како асоцијативни членки. Но проблемот за Македонија е што Бугарија и на оваа иницијатива има ставено закана со вето. Дали планот на Мерц ќе го амортизира тоа? Можно е! А уште поверојатно е дека на Бугарија може да ѝ се случи „американската клетва“, која ја снајде Грција откако во 2008 година стави вето на македонскиот прием во НАТО на самитот во Букурешт. Бугарија ќе мора јасно и гласно да објасни зошто ја попречува Македонија за членството во ЕУ. Дали се само „Бугарите во Уставот“? Тоа, сепак, е само плитка анализа, причините се подлабоки.

ПРЕД ТИВАТ СЕ СЛУЧИ КИШИНЕВ

Можеби не беше историски, но секако беше важен собирот на министрите за надворешни работи на Советот на Европа што во мај се одржа во Кишинев, Молдавија. Токму таму можеше да се детектираат големите промени што допрва ќе го заплиснуваат европскиот континент. Првата голема промена е поврзана со промената на Европската конвенција за човекови права во делот за миграцијата. Втората е повторно во врска со Украина, каде што е дадена недвосмислена поддршка за основање специјален трибунал за злосторствата поврзани со агресијата врз Украина. Но овој документ, можеби е случајно, но и не мора, е поврзан со модернизацијата на Конвенцијата за перење, претрес, заплена и конфискација на приноси од криминал и финансирање тероризам, и даде зелено светло за нов правен инструмент за манипулација и мешање во странски информации.

Зад основањето на специјалниот трибунал за Украина застанаа 36 земји плус ЕУ, но и две неевропски земји – Австралија и Костарика. Процесот за ратификација е во тек, а чека и на македонска ратификација. Дали со дополнителниот протокол на Варшавската конвенција за перење пари, со многу проширена дејност во ловот на валканите средства, и борбата со тероризмот во сите негови облици е можно овој процес да се забави, засега нема дефинитивен одговор. Според руски извори, овој процес ќе оди бавно, а можно и никогаш нема да се заокружи докрај, затоа што „ќе се соочат со вистината во Украина“.

Два големи прашалника – обновата на Украина и мигрантите

Компензациите и обновата на Украина за Македонија се можност да се добие некој посериозен бизнис и да се земе дел од тој колач, кој може да достигне сума од околу 800 милијарди евра. Прашањето што се наметнува е дали, сепак, и тука ќе извисиме, така што нема ни ронка да ни остават на масата.

Втората значајна промена е со мигрантското прашање во Европа, процес што го поттикнаа стари членки на ЕУ. Овој процес одеше заедно со промените во Советот на Европа во Стразбур, затоа што е поврзан со Европската конвенција за човекови права. Се чини дека во Молдавија конечно е најдено правно решение за тоа горливо европско прашање, но во моментов клучната работа од тој нов модел ја нема – тоа се изборот на земји во кои би биле изградени прифатни центри за луѓето што некоја европска земја ги одбила нивните барања за азил. Ова значи дека Европскиот суд за човекови права влегува во нова ера, но и самиот систем на Советот на Европа ќе се базира на стратегија за многу поширока соработка со светот отколку што има сега. И ЕУ и Советот на Европа на извесен начин создаваат поцврсти институционални и правни врски со Канада и Австралија на пример. Пактот за миграциите официјално стапи во сила на 12 јуни 2026, иако и Брисел призна дека земјите не се целосно подготвени за негова примена. Како една од земјите на балканската мигрантска маршрута, Македонија ќе биде зафатена од овие промени и ќе мора во брзи процедури да ги решава барањата за азил.

Од друга страна, иако Обединетото Кралство беше една од земјите што ги бараа овие промени, сега постои можност откако ја заврши својата работа, таа да излезе од системот на Стразбур, конкретно од Европскиот суд за човекови права. Тоа повторно би било почеток на нешто ново, па дури и на процес следен од некои други членки.
Влегуваме во сериозни промени и реформи, не само во Македонија туку пред сѐ во Европа. Период на транзиција. А, една кинеска клетва вели – „да даде господ да живееш во време на транзиција“.