Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди инцидентот со палењето на возило во сопственост на Амбасадата на Бугарија во Скопје, нагласувајќи дека насилството нема да биде дозволено ниту толерирано.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на потпишувањето на декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите, Тошковски истакна дека ваквите дејствија се неприфатливи и дека надлежните институции реагирале брзо и ефикасно.
– Осуда за какво било насилство кон кого било во Македонија е логична. Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано – изјави министерот.
Тој информираше дека Министерството за внатрешни работи, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, за кратко време го идентификувало и го лишило од слобода лицето осомничено за палењето на возилото.
– Лицето што се сомничи за палењето на возилото е многу бргу идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност – рече Тошковски.
Според него, случајот се процесира во координација со надлежните институции, а во текот на денот се очекуваат дополнителни информации од Обвинителството и Судот за натамошниот тек на постапката.
Министерот повтори дека институциите имаат јасен став кога станува збор за насилство и оштетување на имот, особено кога се работи за дипломатски претставништва на странски држави.
– Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите политички фактори во државата за какво било насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети што се во сопственост на соседна држава – нагласи Тошковски.
Во однос на мотивите за инцидентот, министерот посочи дека засега не може да открие повеќе детали, бидејќи истрагата е во тек и се спроведува согласно законските процедури.


































