Oд лево кон десно: Михаил Развигоров, Даме Груев, Ефрем Чучков и Атанас Бабата

„ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“

  • Според спомените на неговите современици, благодарение на челичната дисциплина, бескомпромисната борба против шпионажата и супериорната организираност, Развигоров го претворил Овче Поле во неосвоива овчеполска крепост, а во народот тој бил познат како овчеполски кнез

М-р Никола Ристевски

Во сложената структура на националноослободителното движење во Македонија се издвојува плејада од историски личности со специфични карактери, но целосно обединети околу заедничкиот револуционерен идеал. Пред век и половина во Штип, во семејство со силно изразена општествена одговорност, на 28 октомври 1873 година се родил Михаил Развигоров-Мише. Првичното образование го стекнал во родниот град, а прогимназискиот курс го продолжил во Ќустендил, каде што заедно со група млади сомисленици и идни истакнати кадри на Македонската револуционерна организација, Никола Каранџулов, Христо Чемков и Ефрем Чучков, формирале илегален револуционерен кружок. Неговата активност и учеството во организиран ученички бунт резултирале со негово исклучување од институцијата. Развигоров го завршил своето образование во 1895 година во Педагошкото училиште во Казанлак, по што веднаш се вратил во Штип како учител во локалното училиште, каде што претходно како просветни работници дејствувале Дамјан Груев и Гоце Делчев, кои заедно со Туше Делииванов и Тодор Лазаров го имале создадено првиот револуционерен комитет во градот. По пристигнувањето, Развигоров без одлагање се вклучил во структурите на делото и активно учествувал во деталното реорганизирање на Штипскиот револуционерен реон. Во текот на следните неколку години неговата дејност е насочена кон воспоставување нови комитетски мрежи во околните населени места, подготовка и обука на нови кадри, отворање стабилни организациски канали и набавка на вооружување.

Во ноември 1897 година избувнува Виничката афера, која предизвикала масовни апсења на голем број членови на Македонската револуционерна организација. Османлиските власти вовеле строги репресивни мерки против цивилното население и применувале брутални методи на сослушување врз притворените дејци. Со цел да ги прекине масовните апсења во штипската околија и да спречи понатамошно откривање на тајната структура и членството на организацијата, Мише Развигоров донесува стратешка одлука да ја преземе целата кривична одговорност врз себе, декларирајќи се како единствен организатор на револуционерната дејност во реонот. Заедно со Петар Попарсов и други истакнати организациски членови, тој е осуден на доживотен затвор и заточен во тврдината Подрум кале во Мала Азија. За ова постои едно сеќавање од Свети Николе, каде што иако „Мише врзан како мечка и качен на коњска кола“ бил донесен пред црквата „Свети Никола“ и мачен пред народот, не посочил никој од локалните соработници. Неговата лојалност кон населението се забележува и во следните години од неговата активност во регионот…

Во август 1902 година Развигоров е ослободен од заточеништво заедно со многу други Македонци што ги опфатила општата амнестија. Во тешка здравствена состојба, до почетокот на Илинденското востание се лекувал во Софија, по што иако сѐ уште незакрепнат бил префрлен во Ќустендил, од каде што работел на стратешко распределување на револуционерните чети што навлегуваат во внатрешноста на Македонија и организирање на тајните канали по старите ајдутски патишта. Периодот во кој најјасно доаѓаат до израз организациските капацитети и државничкиот талент на Мише Развигоров е времето непосредно по востанието од 1903 година. Во овој критичен момент тој се наметнува како прагматичен социјален реформатор.

Последиците од Илинденското востание го доведуваат регионот до тешка стопанска и социјална криза. Пред преживеаното раководство стои императивот за итна обнова на револуционерната мрежа. Развигоров се враќа во својот роден крај и заедно со докажаниот деец Тодор Лазаров и неговиот иден секретар Тодор Александров пристапува кон сеопфатно стабилизирање и системско организирање на штипската околија. Нецела година по Илинденското востание, војводата Развигоров започнал стратешки да ја шири дејноста на организацијата во сите делови на пространата Овчеполска Котлина. Свесен дека образованието и вооружувањето се од огромно значење за националноослободителната борба, тој истовремено започнал систематска офанзива за подигнување на народниот дух и зацврстување на сопствената самосвест на македонското население. За таа цел, Развигоров отворил директен фронт против турските бегови, како и против турските, влашките и еврејските лихвари, воведувајќи строга забрана за секакви приватни задолжувања на народот. Во Овче Поле тој формира специфична, финансиски самостојна институција Земјоделско-селска каса. Составот на четата на Мише Развигоров дополнително ги засилувал нејзиниот легитимитет и авторитет; во неа членувале неколку поранешни штипски учители, како и голем број овчеполци што потекнувале од револуционерни семејства со традиција во борбата. Според спомените на неговите современици, благодарение на челичната дисциплина, бескомпромисната борба против шпионажата и супериорната организираност, Развигоров го претворил овој дел од Македонија во неосвоива овчеполска крепост, а за народот бил овчеполски кнез.

Неговите структурни реформи се одвивале во неколку клучни правци

Аграрна реформа и откуп на чифлиците: Примарна цел е систематско откупување на земјиштето од беговите од страна на локалните селани, штом некој стопанин ќе најавел продажба. Механизмот се активирал преку организиран економски притисок врз чифликсајските сопственици. Благодарение на авторитетот на Развигоров, цената на трудот на жетварите и аргатите, која претходно изнесувала мизерни два-три гроша за декар, со организациска наредба била подигната на осум-дванаесет гроша од беговите. Овој финансиски притисок ги принудувал беговите на распродажба. Еклатантен пример за успехот на оваа стратегија е селото Сарамзалино, каде што селаните со пари од касата на организацијата целосно ја откупиле земјата, рамномерно ја поделиле и во рок од една година ги ликвидирале обврските, враќајќи ги позајмените средства во фондот без никаква камата.

Функционирање на Земјоделско-селската каса: Овој фонд се возобновувал преку редовни давачки – секој селанец, по реализирана продажба на пазарите, оставал дефиниран дел од средствата во неа (како и преку редовниот придонес од два шиници жито). Доколку некој стопанин имал потреба од капитал за набавка на добиток или ресурси, поднесувал формално барање до војводата Развигоров. Четата го разгледувала барањето, а по одобрувањето се испраќало писмо до Околискиот комитет, кој ги ослободувал парите. За зачувување строга тајност, по разгледувањето, сите писмени траги и кореспонденции на четата биле систематски палени.
Елиминирање на лихварството: Со овие чекори народот трајно се спасил од долгогодишната економска експлоатација. Сите затегнати приватни долгови кон лихварите биле преземени и исплатени од касата на организацијата со фиксна камата од шест отсто, додека селаните кон фондот го враќале само основниот износ на долгот, целосно ослободени од камати.

Реформа со ваков социјално-економски габарит била воведена за првпат во историјата на револуционерното движење во Македонија. Таа директно ја санирала економската состојба на населението, го зацврстила регионот и во рок од три години ги трансформирал Штип и Овче Поле во еден од најстрого организираните центри на Внатрешната организација. Поради нејзината моќ, Овчеполието станало едукативен центар каде што голем број војводи и комити доаѓале за да ги стекнат потребните организациски и стратегиски знаења директно од Развигоров…

(продолжува)