Во селото Кардија во северна Грција неодамна беше одржана свечена комеморација во чест на капетанот Тело Аграс и Антонис Мигас – личности што грчката десница ги претставува како херои на т.н. грчка „македонска борба“. Настанот беше организиран со цел да се оживее и да им се пренесе на новите генерации митолошката приказна за оваа борба, која во грчкиот националистички дискурс се толкува како чин на ослободување и патриотска саможртва. Церемонијата ја предводеше Димитрис Нациос, политичар и лидер на партијата Ника, кој во својот говор се повика на грчкиот офицер Павлос Мелас, еден од првите раководители на грчката оружена пропаганда во Македонија, велејќи „во слободните планини на Македонија сè уште гори здивот на Павлос Мелас“, за да додаде, „она што е напишано со крвта на хероите не може да се избрише со мастилото на еден потпис“.
Зад ваквите националистички говори, зад симболиката и зад митолошката реторика што ја користи грчката десница, се крие историската вистина дека тоа не била борба за слобода, демократија и човекови права, туку дел од пошироката стратегија за територијална експанзија на грчката држава кон север. Наместо да се гледа како ослободителна епопеја, „македонската борба“ треба да се разбере како инструмент на државна политика чија цел беше создавање етнички хомоген простор и потиснување на македонското население, со што се легитимираше грчката контрола врз регионот. Најстрашниот пример за оваа политика е масакрот во Загоричани во март 1905 година. Во селото, кое било познато како упориште на македонското револуционерно движење, андартските чети извршиле крвава акција во која биле убиени повеќе од 60 жители, меѓу нив жени и деца. Селото било опожарено, а населението изложено на брутален терор. Овој настан е документиран и во дипломатските извештаи од тоа време.
Крајно време е Грција да се соочи со сопствените митови и историски заблуди. Тамошното општество и држава треба да преземат морална храброст и да се откажат од екстремната националистичка митологија што ја претвора историјата во средство за исклучување, омраза и легитимирање насилство. Признавањето на историските факти не е само академска обврска туку и политичка и морална должност. Само преку искрено соочување со минатото, со страдањата на македонското население и со систематската политика на хеленизација може да се изгради основа за вистински дијалог меѓу народите на Балканот.
Важно е да се нагласи дека и во самата грчка јавност постојат гласови што остро ги критикуваат оваа националистичка митологија и нејзините современи манифестации. Коментарот на Петрос Аргириу е силен пример за тоа: „Престанете да ги мразите толку слепо Македонците, без тие да ви згрешиле. Научете конечно да живеете како општествени луѓе и не покажувајте ја вашата болна нетолеранција при секоја пригода. Сè уште постојат автохтони Македонци во делот од Македонија што мајка Грција го присоедини во 1913 година. Ако не сакате сите да живееме со почит, мир и културно едни спроти други, проблемот е чисто ваш. Не ви се виновни Македонците затоа што нивниот мајчин јазик се разликува од вашиот.“
Овој критички став покажува дека постои алтернативна визија во грчкото општество, која инсистира на почит, мир и културен соживот, наместо на митови и омраза. Само преку такво признавање и преку охрабрување на овие гласови може да се отвори пат кон искрена соработка, кон градење мостови на доверба и кон создавање иднина во која историјата нема да биде средство за поделба, туку темел за заедничка меморија и помирување.


































