Потсетување на истражувањата на чешката македонистка Зденка Рибарова на традициите на писменоста и македонските ракописи стари 12 века по повод 81 година од нејзиното раѓање
- Рибарова проучувала и анализирала десетици македонски ракописи од 12 и 13 век. Нејзината студија „Јазикот на македонските црковнословенски текстови“, објавена во 2005 година од Македонската академија на науките и уметностите, дава задлабочен научен преглед, дефиниција и систематизација на македонската редакција на црковнословенскиот јазик од 12 до 14 век
Свето Тоевски
Чешката палеославистка и македонистка проф. д-р Зденка Рибарова е еден од најзначајните научници во истражувањата на историјата на македонскиот јазик, старословенистиката, црковнословенските текстови од македонска редакција и проучувањето на средновековното македонско ракописно наследство. Нејзиното научно дело претставува еден од темелите врз кои денес се засноваат современите истражувања на македонската писмена традиција. Во саботата, 13 јуни, се навршија 81 година од раѓањето на оваа чешка лингвистка, чие научно дело има немерливо значење за историјата на македонскиот јазик и широката меѓународна афирмација на неговата самобитност и постоење низ многуте векови.
Рибарова проучувала и анализирала десетици македонски ракописи од 12 и 13 век. Нејзината студија „Јазикот на македонските црковнословенски текстови“, објавена во 2005 година од Македонската академија на науките и уметностите, дава задлабочен научен преглед, дефиниција и систематизација на македонската редакција на црковнословенскиот јазик од 12 до 14 век. Таа научно докажува дека македонската редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик е структуриран и нормиран, самостоен книжевно-јазичен систем со свои специфични законитости и сопствени правописни, фонолошки, морфолошки и лексички особености, различни од сите тогашни јазици. Еден од најзначајните резултати од нејзината научна дејност е заклучокот дека корените на таа македонска редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик водат кон Охридската книжевна школа.
– Македонската редакција (варијанта) на црковнословенскиот јазик од неговиот постепен почеток во текот на 11 век го достигнува својот целосен развој во 12 век, кога се консолидираат основните норми на македонската црковнословенска писменост. Консолидацијата на овие норми е поврзана и во континуитет со старословенскиот глаголски период со дејноста на Охридската книжевна школа. Јазикот на македонската старословенска писменост ги има своите корени во овие временски периоди, но има и свои засебни белези на правописно, фонолошко, морфосинтаксичко и лексичко ниво – аргументира Рибарова во својот научен труд „За корените на македонската писменост“, објавен во 2017 година.
Треба да појасниме дека македонската редакција на црковнословенскиот јазик од 12 до 14 век означува период од историскиот развој на македонскиот јазик во кој старословенската црковна норма почнала да се менува под влијание на живиот народен говор на македонското население. Ова е време кога писателите и препишувачите, иако се труделе да го зачуваат канонскиот јазик, несвесно внесувале локални јазични и правописни црти.
Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски, по неговото пристигнување во областа Кутмичевица. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на школата биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на словенската писменост и култура. Со повеќе свои научни трудови, а особено со студијата „Јазикот на македонските црковнословенски текстови“, Рибарова го потврдува и го докажува фактот дека постои континуитет меѓу овие два важни периода во развојот на македонскиот јазик.
Покрај редицата други домашни и странски слависти и македонисти, д-р Зденка Рибарова, како еден од најважните истражувачи за кирилометодиевското книжевно-јазично наследство и традиција, проучувала македонски ракописи стари најмалку 800 години. И докажала дека тие се дел од таа традиција, што се протега уште четири века наназад. Појасно кажано, кирилометодиевско наследство, пишани ракописи, традиции и корени на македонскиот јазик стари најмалку 12 века. Македонски јазични корени, кои одат шест века уште поназад во времето за разлика и од „Македонскиот лексикон од 16 век“ и ракописот со зборовите од Костурско.
Еден од најстарите македонски средновековни ракописи што ги истражувала Рибарова е Григоровичевиот паримејник – текст на пергамент од крајот на 12 почетокот на 13 век. Паримејникот содржи 104 пергаментни листа, напишани со кирилско македонско-старословенско писмо, веројатно како препис од уште постар глаголски текст.
Паримејник е специјализирана богослужбена книга со четива, која се користи во православните цркви. Настанувањето на овој ракопис, според јазичните особености, се сместува во областа на Јужна Македонија. Тоа се четива за Раѓањето на Христос и Богојавление, потоа четива за времето на Великиот пост, за извршување на црковната служба и други текстови. Рибарова во соработка со Зое Хауптова и Емилие Блахова подготвила двотомно издание на овој значаен македонски книжевен споменик, на Григоровичевиот паримејник. Во 1844 година Русинот Виктор Григорович го нашол во манастирот „Хиландар“ ова драгоцено пишано сведоштво за македонската етноидентитетска и јазична самобитност и го однел во Русија. Во 1876 година ракописот станал сопственост на Румјанцевскиот музеј во Москва, а сега се чува во Руската државна библиотека. Рибарова проучуваше десетици клучни македонски ракописи, како што се Радомировото евангелие, Болоњскиот псалтир, Битолскиот триод… Рибарова е авторка и коавторка на детални монографски и јазични анализи на македонски ракописи, меѓу кои се издвојуваат нејзините темелни истражувања не само на Григоровичевиот паримејник туку и на Охридските ливчиња, Синајскиот еухологиј, Радомировото евангелие…
Зденка Рибарова е родена на 13 јуни 1945 година во Прага, денес Чешка. Била чешки филолог, експерт по бохемистика, русистика и југославистика. Од 1975 година до пензионирањето во 2008 година работела како научна советничка во Одделението за историја на македонскиот јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. Од 1986 година била раководителка на Одделението и главна истражувачка на проектот Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција, а од почетокот на неговото излегување (2000) била главна уредничка на Речникот. Во Масариковиот универзитет во Брно во 1997-1999 била лекторка по македонски и српски јазик. Во Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет во Прага од 2000 до 2005 била лекторка по македонски јазик и предавала по црковнословенски јазик. Со нејзината педагошка дејност е поврзан и Прирачникот по македонски јазик со преглед на македонската граматика, издаден во Брно. Научниот интерес на д-р Рибарова се однесува на прво место на македонската редакција на црковнословенскиот јазик и на најстарата историја на македонскиот јазик.
Учествувала во повеќе меѓународни проекти што придонесуваат кон афирмација на македонистиката и особено на македонската палеославистика во светот. Д-р Рибарова објавила 170 научни труда и студии, вклучувајќи и неколку книги и поголеми монографски студии. Била избрана како член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука. Починала во Прага на 14 март 2019 година.


































