ОДБОЈКА – ВИКЕНДОВ ВТОР ТУРНИР ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА
- Одбојкарите ќе играат со Исланд и со Грција, а одбојкарките со Шпанија и со Азербејџан
Машката одбојкарска репрезентација викендов ќе ги одигра натпреварите од вториот турнир во Европската лига за 2026 година во Атина, со домаќинот Грција и со Исланд. Селекторот Јошко Миленкоски ќе настапи со истите 14 одбојкари на кои сметаше за воведните два меча, на првиот турнир, во Струмица (пораз од Холандија со 0-3 и победа над Луксембург со 3-1). Средниот блокер на националниот тим Филип Савовски сезоната ја помина во грчки Панатинаикос, со кој ја освои двојната круна, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Имав одлична сезона во грчкото првенство со Панатинаикос, а сега се враќам таму со националниот тим. Грција добро ја познаваме, се соочивме со неа и во ланското издание, како и во европските квалификации. Го имаат задржано истиот тим, кој е особено квалитетен, но верувам и во нашите можности. Како репрезентација можеме да играме со секој противник доколку сме на висината на задачата. Многу работи ќе зависат од тоа што ние ќе покажеме и на двата натпревара. Против Грција сигурно нема да бидеме фаворити, а тоа ни оди во полза. Исланд е селекција од послаб ранг, ги анализираме, а ќе имаме и можност да го гледаме нивниот меч со Грција, по што во договор со стручниот штаб ќе поставиме тактика со која ќе успееме да си ја реализираме посакуваната цел, победа. Се надевам дека вториот турнир ќе биде поуспешен за нас – вели Савовски пред денешниот дуел (19 ч.) со Исланд и утре со Грција (19 ч.).
Македонските одбојкарки, пак, за ривали на вториот турнир, кој го играат во Аликанте, го имаат домаќинот Шпанија (натпреварот е игран синоќа), а денеска (18.30 ч.) силите ќе ги одмерат со Азербејџан. Македонките на првиот турнир во Порто загубија од Унгарија (0-3) и од Португалија (0-3). Европската лига во двете конкуренции од годинава е и квалификациска, па најдобрите четири селекции ќе играат на Европското првенство во 2028 година. Г.И.

































