Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска на Бизнис-форумот „Македонија – Турција“ во Истанбул порача дека Владата останува посветена на создавање предвидлива, конкурентна и инвестициски ориентирана деловна средина, со цел поттикнување на нови инвестиции, економски раст и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, пренесе МИА.
Како што соопшти Министерството за економија и труд, Дурмиши во своето обраќање истакнал дека Република Турција е еден од најзначајните економски партнери на Македонија, при што трговската размена бележи континуиран раст, а турските компании со децении имаат важна улога како инвеститори, работодавачи и партнери во развојот на македонската економија.
– Нашата земја е отворена за нови инвестиции и нови партнерства. Нудиме стабилна макроекономска политика, стратешка географска положба, пристап до регионалните пазари, квалификувана работна сила и силна институционална поддршка за инвеститорите. Уште поважно, нудиме партнерство засновано на доверба и долгорочна соработка – истакнал министерот Дурмиши.
Во Истанбул денеска се одржува бизнис-форум посветен на јакнење на економските врски и промоција на инвестициските потенцијали на Република Северна Македонија пред турската деловна заедница.
Форумот се организира во рамките на проектот „Промоција на мапа за инвестирање“, како дел од програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП. Целта е преку директни контакти и разговори да се поврзат институциите и бизнис-заедниците од двете земји и да се отворат нови можности за соработка и заеднички инвестиции.
На настанот е најавено учество и на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од министри од економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот сектор.
Домаќин на форумот од турска страна е министерот за трговија на Република Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и Советот за надворешни економски односи (DEİK).
Во рамки на програмата ќе бидат претставени инвестициските потенцијали на земјава, а предвидени се и тематски панели посветени на трговијата, енергетиката и инфраструктурата, како и Б2Б-средби меѓу компании од двете земји, со фокус на размена на искуства и унапредување на соработката во клучните економски сектори.
Форумот е наменет за компании заинтересирани за проширување на своето присуство на меѓународните пазари и воспоставување нови деловни партнерства во рамките на регионалната економска соработка.
Како дел од пошироката серија промотивни активности за позиционирање на Северна Македонија како атрактивна инвестициска дестинација, сличен бизнис-форум неодамна беше организиран и во Будимпешта. Овие настани се дел од напорите за промоција на економските потенцијали на државата и привлекување нови странски инвестиции преку директна комуникација со меѓународната бизнис-заедница.

































