Фото: ЕПА

Иран се согласи со најголемиот дел од нацрт-текстот за потенцијален договор со Соединетите Американски Држави, но нема да отстапи од своите „црвени линии“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, посочувајќи дека конечна одлука сè уште не е донесена.

Багеи нагласи дека најголемиот дел од документот е веќе усогласен, иако, според него, американската страна во текот на преговорите повеќепати ги менувала своите позиции.

-Иран нема да прави компромиси кога станува збор за нашите црвени линии – изјави тој, додавајќи дека дипломатските напори продолжуваат и покрај предизвиците што ги наметнале неодамнешните случувања во регионот.

Според Багеи, Катар и Пакистан имаат активна улога во посредувањето меѓу Техеран и Вашингтон, но американските напади врз ирански цели негативно се одразиле врз текот на преговорите. Тој предупреди дека безбедносната состојба во Ормуската Теснина станала значително почувствителна, оценувајќи дека последните американски потези придонеле за дополнително зголемување на тензиите.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги откажал планираните ракетни напади и бомбардирањето на Иран, кои, како што рече, требало да бидат реализирани претходната ноќ, откако највисоките ирански претставници се вклучиле во процесот и дале согласност за продолжување на разговорите.

Обраќајќи им се на новинарите во Белата куќа, Трамп изрази уверување дека договор меѓу двете земји може да биде постигнат во наредните денови.

-Документите се блиску до конечната форма – изјави американскиот претседател, додавајќи дека станува збор за „меморандум за разбирање“ кој го опиша како „силен“ и „детален“.

Тој посочи дека иранските преговарачи веќе го одобриле нацрт-договорот и изрази надеж дека конечна согласност ќе даде и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Трамп истакна и дека потпишувањето на договорот би придонело за стабилизирање на состојбите во Ормуската Теснина, една од најзначајните светски поморски рути преку која минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и природен гас.

И покрај сигналите за приближување на ставовите, останува неизвесно дали двете страни ќе успеат да ги надминат преостанатите разлики и да постигнат конечен договор, по години на тензии и неуспешни обиди за обновување на меѓусебната доверба.