Министерката за образование и наука Весна Јаневска ја оцени изминатата учебна година со оценка четири, истакнувајќи дека се реализирани бројни промени, но дека за суштински реформи во образованието е потребно време.
Во гостување во Дневникот на ТВ Сител, Јаневска нагласи дека оваа учебна година била подобра од претходните и дека се поставени темели за понатамошен развој на образовниот систем.
– Годинава беше подобра од претходните и би ѝ дала четворка, што е многу солидна оценка. Недостаток ни е времето. Реформите во образованието не можат да се спроведат преку ноќ. Тие мора да бидат постепени, прифатени од сите чинители и да не се наметнуваат насилно, бидејќи брзите промени често предизвикуваат отпор и не ги даваат посакуваните резултати – изјави министерката.
Таа посочи дека се направени значајни чекори во обновувањето на наставните програми. Според неа, веќе се воведени нови програми за седмо и осмо одделение, а од следната учебна година ќе бидат опфатени и учениците од деветто одделение. Дополнително, обновени се наставните програми и за прво и второ одделение.
Јаневска информираше дека е надминат и долгогодишниот проблем со учебниците, при што дел од нив веќе се дистрибуирани во училиштата, а до почетокот на новата учебна година ќе бидат доставени сите потребни материјали.
Како дел од дигитализацијата, Министерството воведе нов електронски дневник, кој овозможува поефикасна работа на наставниците и ги намалува административните обврски. Во тек е и подготовката за издавање на првите дигитални свидетелства.
Министерката најави и воведување на вештачка интелигенција во образовниот процес, како и реализација на проекти поврзани со здравјето, екологијата и спречувањето на насилството и агресивното однесување во училиштата.
Осврнувајќи се на положбата на наставниците, Јаневска нагласи дека во изминатите две години платите се зголемени за околу 20 проценти, што, според неа, е важен чекор кон поголема мотивација и подобри резултати кај учениците.
Таа повторно ја истакна важноста на проектот за едносменска и целодневна настава, наведувајќи дека македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат околу 900 наставни часа помалку од нивните врсници во Европската Унија.
– Потребно е децата да поминуваат повеќе време во училиштата, а проектот за едносменска и целодневна настава е еден од клучните механизми за подобрување на квалитетот на образованието – порача Јаневска.

































