Фото: Маја јаневска Илиева

Македонските универзитети значително заостануваат зад водечките високообразовни институции во регионот според бројот на научни цитати и влијанието на нивните истражувања, покажуваат резултатите од проектот Академско рангирање на балканските универзитети (АРБУ), промовиран денеска, пренесе МИА.

Според анализата, најдобро рангираниот македонски универзитет – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) – има помалку од 400.000 цитати, додека Универзитет во Загреб располага со околу 4,5 милиони цитати. Дополнително, Македонија бележи годишен пад на цитираноста од седум до осум проценти, додека во повеќето соседни земји растот достигнува и до 25 проценти.

АРБУ опфаќа 324 универзитети и високообразовни институции од осум балкански држави, повеќе од 33.000 професори и истражувачи и над 19,7 милиони научни цитати регистрирани на Google Scholar. Проектот има цел да обезбеди поголема транспарентност во високото образование и да овозможи споредба на научните перформанси на универзитетите и истражувачите во регионот.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оцени дека е неопходно реално согледување на состојбата во науката и високото образование, нагласувајќи дека Владата значително ги зголемила средствата за овие области. Таа посочи дека годинава за наука се издвоени 773 милиони денари, наспроти околу 380 милиони во 2022 година, додека буџетот за високото образование е зголемен од три на околу осум милијарди денари.

Јаневска истакна дека државата обезбедува финансиска поддршка за научноистражувачки проекти, награди за трудови објавени во списанија со импакт-фактор и поддршка за меѓународна мобилност на истражувачите. Според неа, новиот Закон за високо образование треба дополнително да придонесе за подобрување на квалитетот на наставно-научната работа и за зголемување на меѓународната конкурентност на македонските универзитети.

Претседателот на АРБУ, Марјан Бојаџиев, оцени дека Македонија располага со квалитетни истражувачи, но дека недостига добро институционализиран систем кој ќе ги поддржи и ќе го развива нивниот потенцијал. Тој предупреди дека разликата во научното влијание меѓу македонските и регионалните универзитети е сериозна и дека без системски мерки заостанувањето дополнително ќе се продлабочува.

На промоцијата беа доделени признанија на најуспешните истражувачи и универзитети, а за најцитиран македонски научник беше посочен Сашко Кедев. Тој истакна дека државата располага со значителен научен потенцијал, но дека е неопходно да се обезбеди континуитет во развојот на науката и поголема поддршка за истражувачката работа.

Според заклучоците од анализата, за подобрување на позицијата на македонските универзитети се неопходни системски реформи, поефикасно финансирање на науката, поддршка на најуспешните истражувачи и поголема вклученост во меѓународни научни проекти и академски мрежи.