Собранието денеска ќе ја започне 104. собраниска седница на која како прва точка на предложениот дневен ред е Интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Tреба да се изјаси и за потребата за носење на повеќе закони во прво читање и по скратена постапка, како и за Предлогот на кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието.
Интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство e поднесена од пратничката група предводена од СДСМ, кои наведуваат дека се поднесува поради сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдена со апсења на високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес, како и, како што се посочува, поради суспензијата на ИПАРД 3 програмата. Опозоциските пратеници во интерпелацијата посочуваат и дека донесените мерки и политики покажале ризик од селективна и нетранспаретна распределба на јавните средства, кои одат директно на штета на земјоделците.
Предложениот дневен ред има 40-тина точки меѓу кои предлог на одлуки за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за избор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата, за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави, Предлог на одлука за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор, за изменување на Одлуката за избор на претседател, членови и нивни заменици на Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември”, за избор на член на Судскиот совет.



































