ФИФА претстави претенденти за разни рекорди, меѓу кои се на пример Куртоа, Дешан, Кејн, Мбапе, Меси, Модриќ, Рашфорд, Роналдо, Јамал…
На претстојното Светско првенство (СП), рекордно според бројот на учесници, 48 репрезентации, многу фудбалери и селектори може да соборат некои поединечни рекорди на мундијалите. Светската фудбалска федерација (ФИФА) претстави претенденти за разни рекорди, меѓу кои се на пример Тибо Куртоа, Дидие Дешан, Хари Кејн, Килијан Мбапе, Лионел Меси, Лука Модриќ, Маркус Рашфорд, Кристијано Роналдо, Ламин Јамал…
Највозрасен селектор досега на СП е Ото Рехагел (71 година), а во трка по тој рекорд е Мирослав Кубек (74). „Кралот“ Ото постави рекорд кога ја водеше Грција на мечот со Аргентина на Диего Марадона во 2010 година. Кубек ја презеде функцијата селектор на Чешка во декември и ги водеше до победи во плејофот на дуелите со Република Ирска и со Данска и до првото светско првенство од 2006 година. Селекторот на Јужна Африка, Хуго Брос, ќе наполни 74 години за време на СП 2026.
Највозрасен стрелец во нокаут-фазата е Пепе (39), а кандидати за нов рекорд се Кристијано Роналдо (41), Лука Модриќ (40) и Един Џеко (40)…
Најмногу настапи како селектор има Хелмут Шен (25 меча со Германија). Во трка за тоа достигнување е Дидие Дешан (19). Шен го држи рекордот откако го одзеде од својот ментор Сеп Хербергер пред повеќе од 50 години. Дешан ќе го изедначи ако ја предводи Франција во четврт-финалето и ќе го собори ако одат еден чекор понатаму. На Дешан му се потребни три победи за да го собори рекордот на Шен и за тренер со најмногу победи на светските првенства.
Најмлад добитник на „Златната топка“ е Бразилецот Роналдо (21 година), а повеќе фудбалери се во трка за тоа признание. „Феноменот“ имаше 21 година кога со неговиот неверојатен дриблинг, три асистенции и четири гола блесна на СП 1998 во Франција. Играчи како Дезире Дуе, Нико Паз и Ламин Јамал се меѓу оние што би можеле да го надминат Роналдо.
Најмногу победи забележа Мирослав Клосе, 17, а најблиску до него е Лионел Меси со 16. Германецот го зграпчи рекордот од Кафу благодарение на волејот на Марио Геце во финалето на СП 2014.
Најмногу голови досега постигна Клосе, вкупно 16, а претенденти за тој рекорд се Меси (13), Килијан Мбапе (12)… Клосе го собори рекордот на Роналдо во неговата татковина и во победата на Германија со 7-1 на дуелот со Бразил во полуфиналето во 2014 година. По тој рекорд во трка се Меси со 13 погодока, Мбапе, кој има еден помалку и кој постигна 11 гола во претходните 11 настапи на СП. Огромен број голови би можел да биде доволен и за Хари Кејн или за Кристијано Роналдо, кои имаат по осум погодока зад своето име.
Најмногу настапи како резерва има Денилсон, 11, а најблиску до тој рекорд е Маркус Рашфорд со девет. Бразилскиот крилен напаѓач влезе во игра од клупата во 11 од неговите 12 настапи на СП. Англискиот напаѓач влезе како резерва во четири од неговите претходни шест меѓународни натпревари.
l Најмногу мечеви без примен гол одиграа голманите Питер Шилтон и Фабиен Бартез, по 10, а претендент за овој рекорд е Тибо Куртоа (седум). Англичанецот го држи овој рекорд од 1990 година, а Французинот го дели со него од 2006 година. Куртоа има 15 настапи на СП има пет помалку и од рекордот на Иго Лорис за најмногу настапи на голман на светски првенства.
Најмногу погодоци со удар надвор од шеснаесетникот постигна Ривелино (пет), а и во оваа категорија кандидат е Меси (четири). Бразилецот со силен удар сензационално постигна пет гола на 15 настапи со удари од надвор од шеснаесетникот.
Настап на најмногу изданија на светските шампионати имаат Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо, Рафа Маркез, Лотар Матеус, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, по пет, а во трка за нов рекорд се Меси и Роналдо.
Кафу е рекордер според најмногу настапи во финален меч, три, а по два имаат Мбапе и Меси. Кафу го претставуваше Бразил во одлучувачките мечеви за светските титули во 1994, 1998 и во 2002 година, влегувајќи на местото на Жоржињо во првиот таков меч. Неговиот сонародник Пеле освои три титули светски првак, но поради повреда ја пропушти кулминацијата на СП 1962 во Чиле. Меси играше за Аргентина во финалињата во 2014 и во 2022 година, а Мбапе за Франција на претходните два мундијала. Меси би можел да се изедначи со Пеле и да игра на финален натпревар со најголема временска разлика, 12 години.
Габриел Батистута е рекордер според постигнат т.н. хет-трик во најмногу изданија на СП, откако на два мундијала постигна по три гола на еден меч. Кандидати за израмнување на тој рекорд се Кејн, Мбапе, Гонсало Рамос и Роналдо, кои постигнаа по три гола на едно СП. Ако Мбапе постигне три гола во својот прв меч на СП 2026, со Сенегал, тој би се израмнил со Шандор Кочиш и со Герд Милер во постигнувањето хет-трик на два меча по ред на СП. Н.М.